Националниот координатор за интеркултурализам, едно општество, развој на културата и меѓуресорска соработка, Роберт Алаѓозовски e човекот кој е задолжен од страна на премиерот Зоран Заев да го турка пописот кај помалите етнички заедници. Тој веќе оствари средби со ромската и турската заедница, а деновиве ќе се сретне и со останатите, за да ги убедува колку е важен пописот и дека за да тој биде успешен мора сите да бидат вклучени.
-Заев го назначи Алаѓозовски за да им објаснува на граѓаните дека попис мора да има, затоа што целата операција попис е матна и недовербата кај населението се зголемува од ден во ден – вели претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Според Мицкоски, пописот што власта сака да го истурка на сила, личи на циркуз и нормално е што граѓаните немаат доверба во истиот.
-Изминатиот период гледаме еден циркус кој што се поврзува со пописот, а не би требало тоа да биде, не знаат ни самите што прават, тргни напред, врати се назад. Така што се создава уште поголема заблуда и уште поголемо недоразбирање и уште поголема недоверба помеѓу граѓаните за статистичката операција којашто они треба да ја спроведат односно за пописот – изјави Мицкоски.
Тој додава дека недовербата кај граѓаните е огромна, дотолку повеќе што се нема доверба во Владата и во начинот на кој ќе се попишува населението.
И опозициската партија ГРОМ, поради многуте дезинформации што се појавуваа во јавноста околу пописот, исто така се сомнева дека тоа ќе биде статистичка операција. Според Љупчо Пренџов постои голема недоверба и сомнеж, бидејќи се лицитираа проценти, а и не постои методологија по која ќе се врши попишувањето.
-Но, кога ќе погледнете како тие го претставуваат тоа, најважно е граѓаните да знаат дека не постои методологија на попис. Што значи тоа? Тоа значи дека секогаш кога се прави попис во која било нормална држава со законот заедно се дава и методологија. Тоа значи дека законот се гласа, а методологијата значи на кој начин тој попис треба да се направи – вели Пренџов.
Тој додава дека е факт оти постои огромна недоверба кај граѓаните, а на кој начин Алаѓозовски – најнеуспешниот екс министер во историјата на државата, ќе го убедува и дали ќе успее да го убеди населението дека мора да се спроведе пописот не се знае.