Сѐ уште актуелниот лидер на СДСМ и премиер, Зоран Заев во петокот вечерта го промовирал Димитар Ковачевски за наследник на челната позиција на состанокот на Централниот одбор на социјалдемократи, потврдуваат извори од владејачката партија од седницата која се одржува во партисото седиште во петокот вечерта.
Според информциите кои ги објави телевизијата ТВ24 немало реакција од членовите на оваа најава. Сепак дел од нив ја отвораат дилемата, како и покрај фактот дека Заев ќе застене зад него доколку има и други кандидати ќе има гаранција дека Ковачевски ќе победи на непосредни партиски избори.
Заев најавил дека се повлекува и оти очекува на 12-ти декември да се гласа за нов лидер, кој потоа би бил и нов мандатар.
Минатиот петок беше објавено дека новиот мандатар и наследник на Зоран Заев во владата ќе биде личноста која ќе седи до него на средбата со лидерот на Алтернатива, Африм Гаши. Тогаш во Клубот на пратеници на средбата со лидерот на Алтернатива, Африм Гаши, Заев беше придружуван од заменик-министерот за финансии, Димитар Ковачевски. Станува збор, како што наведуваат изворите, за социјалдемократски кадар од Куманово.
Инаку, внатрепартиските избори во СДСМ треба да се одржат на 12-ти декември. Од владејачката партија велат дека првично никој не реагирал негативно на промоцијата на Ковачевски од страна на Заев, меѓутоа многумина биле збунети. Сепак, во следните денови не се исклучуваат реакции, со оглед дека безмалку сите во СДСМ беа против заминување на Заев, додека не е мал број од луѓето што се отворено против Ковачевски, сметајќи дека со него партијата ќе оди назад.
Димитар Ковачевски е доктор на економски науки и вонреден професор на Американ Колеџ, кој во својата кариера бил на директорски позиции во „Телеком“ и „Оне Вип Македонија“. Колега е на Заев од студентските денови на Економскиот факултет при скопскиот универзитет. Беше дел од партиското раководство и во времето кога СДСМ беа водени од Бранко Црвенковски.