Граѓаните немаат што да бираат, немаат друга алтернатива. Тие само треба да потврдат дека сакаат Македонија да биде членка на ЕУ и НАТО, рече премиерот Зоран Заев во понеделникот вечерта во гостувато на 1ТВ и додаде дека сѐ уште не размислувале за референдумското прашање, но тоа ќе биде поврзано со ЕУ и НАТО и секако со одлуката за името.
„Да, ќе заминам ако не успее референдумот во Македонија. Но, сигурен сум дека референдумот ќе успее. Очекувам сериозни проценти, 75-85 насто, согласно колкави се процентите на граѓани кои се изјасниле дека се за ЕУ и НАТО“, рече Заев.
Според неговите зборови, граѓаните немаат што да бираат, бидејќи Македонија нема алтернатива, туку само треба да потврдат дека сакаат нивната земја да биде членка на ЕУ и НАТО.
„Убеден сум дека граѓаните ќе донесат одлука за европска иднина, за себе и за другите генерации. Одлуката е едноставна, патот за ЕУ и НАТО е еднонасочен“, рече.
Заев додаде дека во владејачката коалиција се уште не размислувале за референдумското прашање, но истакнал дека ќе биде поврзано со одлуката за името и со ЕУ и НАТО.
Премиерот рече дека секаде во својата околина гледа поддршка за договор со Грција за уредување на спорот околу името на Македонија и дека се знае кој е за напредок на земјата кон НАТО и ЕУ, наведувајќи дека референдумот е потребен бидејќи не се знае кој е против.
„Опозициската ВМРО-ДПМНЕ за време на ратификацијата на Договорот во Собрание излезе од парламентот , а можеби и таму е некој за, воздржан или против, но не сака да учествува. Треба да видиме кој е против“, кажа Заев.
Истакна и дека не може да ги прифати како аргумент обвинувањата на опозицијата и шефот на државата Иванов дека Македонија со тој договор ќе го изгуби идентитетот и јазикот.
Прашан за неговиот брат Вице и можната паралела со улогата на Сашо Мијалков во претходната власт, Заев рече дека брат му е бизнисмен кој се занимава со производство на ајвар, има и други бизниси – не е шеф на УБК. Заев потенцираше дека неговиот брат не е функционер, туку работи приватен бизнис.
„Владата инсистира за информирање со сите детали, за разлиика од порано кога сѐ се криеше и ако некој прашаше нешто, потоа немаше уште еднаш да праша“, рече Заев.