Заев и Ахмети утре ќе ја имаат клучната средба за влада

Демократската Унија за интеграција соопшти дека во разговорите одржани на ниво на партиски секретари меѓу Артан Груби од ДУИ и Љупчо Николовски од СДСМ постигнат е сериозен напредок скоро во сите прашања коишто водат до договор за нова Влада.

Од партијата информираат дека утре ќе има средба меѓу лидерот на СДСМ, Зоран Заев и лидерот на ДУИ, Али Ахмети.

„Со оглед на итноста и потребата да се дејствува брзо на клучните институции во земјава со цел решавање на здравствените и економските предизвици поврзани со Ковид-19, утре ќе се одржи клучна средба меѓу претседателите Али Ахмети и Зоран Заев каде се очекува да биде постигнат конечен договор за нова, стабилна Влада, посветена на четиригодишен мандат“, велат од ДУИ.

Иако веќе неколку дена доаѓаат најави дека двете партии се блиску до конечен договор, засега нема ниту едно потенцијално име за новите функционери, ниту, пак, како ќе биде распределбата на министерските ресори.