Поразите за македонскиот народ и за државата немаат крај, рече портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски.
-Зоран Заев и Нина Ангеловска утре ќе ја задолжат Република Македонија и граѓаните за нови 53.6 милиони евра. Ова е трето задолжување на Нина Ангеловска откако е министер во последните 45 дена, а воедно како што знаете и вие не е реализиран ниту пак отпочнат ниту еден посериозен проект. За само 45 дена откако е министер Нина Ангеловска, Република Македонија е задолжена за над 150 милиони евра. До август до моментот додека дојде Нина Ангеловска за министер, во министерството за финансии реализацијата на капиталните инвестиции беше ниски 28.16%. До моментов веруваме дека не е нешто драстично променета состојбата на реализацијата на капиталните инвестиции. Ова е најнеспособната Влада која единствено се задолжува и не реализира ниту еден единствен проект. И оние проекти кои што ги отвораат се останати до претходната влада. Нина Ангеловска е само извршител на лакомите и недомаќински политики на Зоран Заев и Кочо Анѓушев. Проекциите за реализацијата на капиталните инвестиции и БДП за оваа година ниту ќе се исполнат, ниту пак ќе бидат на задоволително ниво, како и се останато во моментот што е во државава. Економијата оди во погрешен правец. Граѓаните најдобро го чувствуваат тоа. Над 500.000 граѓани живеат во сиромаштија. Оние кои што можат се снаоѓаат и се иселуваат. Доволен показател дека економијата оди во погрешна насока е и долгот на ДДВ на фирмите на фамилијата Заеви, истакна Арсовски.
Тој додаде дека потребна е коренита обнова на Македонија и истата ќе се случи веднаш откако ќе падне оваа неспособна Влада на СДСМ.