Заев и Ципрас ја примија мировната награда на Вестфалија за 2020 година

На свечена церемонија во Мунстер, Германија, на Заев и Ципрас, им беше врачаена мировната награда на Вестфалија за 2020 година, што ја добија за постигнувањето и потпишувањето на Преспанскиот договор.

Одлуката да се реши повеќедеценискиот спор со Грција отвори нови визии за меѓусебна соработка, го афирмираше пријателството помеѓу двата народа и го трасираше патот на Македонија кон евроатланското семејство порача премиерот Зоран Заев на свечената церемонија во Мунстер по повод добивањето на наградата за мир Вестфалија заедно со поранешниот грчки премиер Алексис Ципрас за склучувањето на Преспанскиот договор.

„Со овој договор ставивме крај на еден спор и долгогодишни разлики коишто кренаа ѕид помеѓу нас и на тој начин ги отежнаа соседните односи помеѓу Македонија и Грција. Спорот траеше 3 декади исполнети со несигурност за нашата иднина. Три декади на блокирани перспективи кои се од клучни стратегиски интерес за нашата земја.

Ципрас вели дека со договорот освен што ги реши сите недоразбирања помеѓу двете држави, создаде нераскинливо пријателство со кое двата народа во иднина сплотено ќе се соочуваат со сите нови предизвици и отвори нови можности за поцврста соработка на секое поле.

„Луѓето од Грција и Македонија докажаа дека заедничките проблеми можат да се решат на пријателски начин и на основите на интернационалното право дури и во најтешките моменти. Тие можат да се решат доколку сме со отворен ум, кога се има потребна политичка волја и кога разговараме со взаемна почит.

На свечената церемонија, наградата им ја врачи претседателот на Латвија Егилс Левиц, како претставник на трите балтички земји кои оваа награда ја добија за 2019 година. Меѓународната награда на Вестфалија Заев и Ципрас ја добија за постигнувањето и потпишувањето на Преспанскиот договор во 2018. Наградата требаше да им биде врачена минатата година но поради пандемијата церемонијата беше одложена за оваа година.