По прес конференцијата во неделата портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски беше запрашан за коментар за ревизија на судските случаи и посочи дека во нормална држава тоа би требало да биде работа на обвинители и судски органи.
„Што се однесува до прашањето за договорените ревизии на судските случаи, тоа во нормална држава би требало да е работа на обвинители и судски органи. За жал се додека на маса се збори за овие работи, а не во судница, имаме такви епизоди какви што сведочиме“, посочи Стоилковски.
Како што претходно беше објавено лидерот на Алтернатива, Африм Гаши на седницата во партиското седиште во Тетово ги информирал за текот на досегашните преговори и програмските точки кои се договорени, како и за преземените обврски Владата да бара меѓународна истрага за судските случаите како што се Монструм, Алфа, Диво насеље, Алмир Алиу, за наводно политички импликации.
„Јавноста не треба да наседнува на фолклорот на СДСМ и Алтернатива. Тоа е само завесата со којашто тие упорно манипулираат со чувствата на граѓаните, а зад таа завеса се функциите и министерствата кои што си ги делат и коишто им носат приходи. Секогаш кога се одвива некаква кражба тие ја вртат темата кон националната реторика, судските случаи, и јавноста не треба да наседнува повеќе на веќе видени епизоди“.