Заев и Харадинај оценија дека Извештаите на ЕК се реални и охрабрувачки за интензивирање на соседската и регионалната соработка

Македонскиот премиер Зоран Заев и неговиот косовски колега по должност Рамуш Харадинај за време на „Дигиталниот Самит на Западен Балкан“ на кој учествуваа во претпладневната сесија, имаа средба на која изразија заедничко задоволство од актуелните меѓусебни односи меѓу двете земји.

За време на разговорот беше оценето дека „Дигиталниот самит на Западен Балкан“ како настан кој претставува ново поглавје за дополнително интензивирање на регионалната соработка е израз на квалитетно динамизирање на иницијативата „Берлински процес“ и импулс за нов придонес за Самитот на ЕУ за Западен Балкан што ќе се одржи во текот на месец мај во Софија, Република Бугарија, извесуваат од владината служба за односи со јавноста.

Заев и Харадинај особено се осврнале на Извештајот на Европската комисија за земјите од западен Балкан, и се согласиле дека извештаите се „реални и охрабрувачки“. Двајцата соговорници се согласија дека сега останува на земјите од регионот „да продолжат со реформите со поголема инклузивност за посеопфатна реализација на сите препораки во процесот на евроинтеграција“.

Соговорниците го споделиле и заедникиот став дека Македонија и Косово делат заеднички вредности и работат на посветено на заедничката иднина. Во таа насока оцениле дека за преобразување на билатералните односи во регионот се добредојдени храбри и лидерски чекори кои пред себе ја имаат иднината, а не минатото.

На средбата тема на разговор беше и зајакнувањето на трговската размена и новите можности за економска соработка низ конкретни заеднички проекти како што е отворањето на one-stop- shop гранични премини, како и на заеднички иницијативи за некои прекугранични инфраструктурни проекти.

Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев, и премиерот на Косово Рамуш Харадинај споделија информации и реализацијата на автопатот Скопје-Блаце, за кој се привршува проектната документација и на кој ќе започне да се работи интензивно од септември оваа година, додека работите на автопатот од косовска страна се во завршна фаза.