Заев и Курц го повикаа Макрон да не ја блокира Македонија

Македонскиот премиер Зоран Заев и неговиот австриски колега Себастијан Курц го повикаа претседателот на Франција, Емануел Макрон, да не се противи на отварањето на пристапните преговори за Македонија.

Курц на заедничката прес-конференција изрази надеж дека претседателот на Франција ќе донесе проевропско решение.

Како што објасни, не станува збор за пристапување кон ЕУ, туку за отварање пристапни преговори, нешто што Македонија го заслужува.

Блокадата според Курц би имала последици врз референдумот за решавањето на спорот со името и би влијаела негативно на целиот регион.

Во обраќањето Курц веќе го искористи името „Северна Македонија“.

Премиерот Заев рече дека ја разбира внатрешната дебата во Франција како и дебатата која постои во цела Европа, но и дека го поддржува развојот и реформирањето на ЕУ додавајќи дека Македонија не бара да биде примена веднаш во Унијата.

Отварањето на преговорите, според Заев, ќе ја зголеми мотивацијата за продолжувањето на реформите во Македонија.