Заев и СДСМ поддржува промена на изборниот модел со една изборна единица

СДСМ поддржува промена на Изборниот модел во една изборна единица и ги охрабрува подносителите на оваа иницијатива да го отворат изборното законодавство во интерес на демократијата, порача денеска премиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев.

Тој ова го изјави денеска по тркалезна маса на тема „Промена на изборниот модел од шест во една изборна единица и отворени листи“, во организација на Иницијативата за една изборна единица во која првично беа вклучени 12 пратеници, а потоа поддршка дадоа уште тројца.

Според Заев со овие измени највисоко рангираните партии ќе изгубат најмногу, но ќе добие демократијата.

-Се работи за важна работа, која се дискутира во државата, која претставува еден чекор повеќе за  демократијата. Дебатата, која е отворена од иницијативата, предводена од Поповска, но и од другите пратеници, досега од 15 пратеници, да се отвори потребата за измена на изборното законодавство да се вгради нови изборен модел, мнозинството од граѓаните тоа го очекуваат. Сите сакаат да направат нешто повеќе за својот народ. Изразениот ризик дека секогаш овие модели можат да донесат ризик за идно автократско владеење, секогаш овие модели можат да носат ризик за автократско однесување на поголемите политички партии, но и демократкиот начин за поставување на фер шанса за сите, имајќи ја предвид мултиетничноста на државата, рече Заев.

Изрази верување дека со сериозни аргументи ќе се отвори дискусија да се носат одлуки во функција на демократијата.

Додаде дека преку ваквиот модел, секој пратеник ќе има поголем легитимитет и тежина и со него ќе стане поефиканска борбата против клиентелизмот и партизацијата на нашето општество.

Испрати порака до ВМРО-ДПМНЕ и до ДУИ, чии претставници не присустуваат на тркалезната маса, внимателно да размислат.

-И кај нив има демократски капацитети и тие добиваат од оваа работа, ако некој губи тоа ќе бидат СДСМ, потоа ВМРО-ДПМНЕ, потоа другите не губат, додаде премиерот.

Во врска со отворените листи рече дека СДСМ смета дека во моментов воведувањето една изборна единица е многу сериозен чекор и оти двете промени наеднаш тешко дека ќе можат да се спојат во моментов.

-Тоа би значело листа од 120 кандидати за пратеници, од 120-те кандидати граѓаните треба да ги пронајдат во чаршафот, треба да го пронајдат каде е нивниот вистински кандидат, рече Заев и додаде дека вториот проблем е што веројатно акумулацијата на гласовите ќе дојде кај кандидатите од поголемите средини и тие ќе имаат 50 до 60  отсто од пратениците.

Додаде дека отворените листи можат да се пробаат на следните локални избори, во 2021 година.