Поранешниот премеир Зоран Заев и актуелниот технички претседател на владата Оливер Спасовски од СДСМ, во моментов го спроведуваат најмасовниот поткуп на гласачи, а како параван за поткупот е тендерот за сеча и транспорт на дрвни сортименти со што од Буџетот на овој начин се испумпуваат над 8,5 милиони евра, истакна во вторникот дополнителниот министер за земјоделство Цветан Трипуновски, од опозициската ВМРО-ДПМНЕ
„СДСМ поткупот го врши преку Јавното претпријатие Македонски шуми, кое распишало неколку јавни набавки за сеча и транспорт на дрвни сортименти. Ова е зелена мафија и е во директна спрега со врвот на власта. Ова се документите од јавниот повик од кои се гледа дека СДСМ планира да потроши 8.5 милиони евра за сеча и транспорт на дрвни сортименти. Едниот јавен повик е за превоз, истовар, растовар на дрвни сортименти во вредност од 146.470.137 денари, од кој реализирани се 9 милиони денари. И другиот јавен повик е за сеча со дотур на дрвни сортименти во висина од 382.842.527 денари, од кој реализирани се 125 милиони денари. Односно имаме веќе над 2 милиони и 200 илјади евра народни пари потрошени во време на криза, за работа која доколку владата сакаше можеше да ја изврши и самата институција ЈП Македонски шуми, ако на време беше набавена дополнителна механизација, проект кој го почна ВМРО-ДПМНЕ, а не го доврши СДСМ. Милионите ќе се слеат кај неколку фирми кои се објавени на страната на Бирото за јавни набавки. Ова е класичен криминал и изборен поткуп и се прави во период кога Заев интензивно бара брзи избори“, нагласи Трипуновски.
Додаде дека СДСМ не најде за потребно да обезбеди потребна механизација за непречено функционирање на Македонски шуми, за сега пред избори да го користи претпријатието за изборен поткуп.
„Власта наместо да се насочи кон заштита на здравјето на граѓаните и санирање на штетите од кризата се фрли на купување на гласови. Дополнително во тек е уште една постапка преку кој треба да се испумпаат остатокот од парите. И сето пва СДСМ го прави додека во државата имаме троцифрена бројка на заразени и неколку мртви секој ден. Македонија не може да продолжи понатака со криминал, корупција и мафијашки начин на работа. Потребна е стратегија за обнова на државата. ВМРО-ДПМНЕ има план за обнова на Македонија. ВМРО-ДПМНЕ е различно од СДСМ. Со СДСМ добивме хибриден режим, сиромаштија, криминал и корупција“, потенцира Трипуновски.