Експремиерот Зоран Заев и поранешниот разузнавач Зоран Верушевски денеска не се појавија во својство на сведоци во случајот „таргет-тврдина“ во судницата на Кривичниот суд. Тие не се соочија со прашањата на обвинителот Артан Ајро и со обвинетите, ексдиректорот на УБК Сашо Мијалков, поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, како и другите обвинети во случајот „Таргет-Тврдина“.
Според обвинителниот акт, преку три системи за следење на комуникациите во УБК, во периодот од 2008 до 2015 година незаконски биле следени 4.286 телефонски броеви за кои воопшто не биле издадени судски наредби. Комуникацијата била следена пред да бидат издадени и по завршување на траењето на важноста на судските наредби на 1.541 број или вкупно 5.827 телефонски броеви. Прислушувани биле повеќе од 20 илјади граѓани.
Доколку не се појават и на следното рочиште, по барање на застапниците на обвинението, двајцата клучни сведоци Заев и Верушевски би можеле да бидат спроведени со асистенција на полицијата.
Судењето за „Тврдина-Таргет“ почна есента 2018 година. Во февруари 2021 беше донесена првостепена пресуда, а првообвинетиот Мијалков беше неправосилно осуден на 12 години затвор. Во март 2022 Апелацискиот суд ја прифати жалбата на одбраната, а во декември истата година ја укина пресудата и го врати предметот на повторено судење.