Заев и  Звиздиќ оддадоа почит на починатиот претседател Трајковски, на спомен обележјето во Ротимље

Беше миротворец, тоа е вредноста зад којашто и ние стоиме, рече македонскиот премиер Зоран Заев кој заедно со неговиот домаќин претседавачот со Советот на министри на Босна и Херцеговина, Денис Звиздиќ, положија цвеќе на спомен обележјето кај селото Ротимљ крај Мостар каде што во авионска несреќа загина претседателот на Република Македонија, Борис Трајковски.

„Претседателот Борис Трајковски беше миротворец. Овде сме да изразиме почит кон она за што тој се заложуваше, а тоа е мирот, меѓусебното почитување, соработка и стабилност, по што сите копнеат. Тоа е и пораката што ја испраќаме со нашето заедничко присуство овде, тоа се вредностите зад коишто и ние стоиме“, рече Заев во изјавата за медиумите.

Претседавачот со Советот на министри на Босна и Херцеговина, Денис Звиздиќ, пак, порача дека заедно со премиерот Заев испраќаат значајна порака за регионот.

„Тоа се нашето меѓусебно разбирање, респект и почит, со што ќе ја завиваме натамошната соработка“, рече Звиздиќ.

На спомен обележјето во чест на загинатиот претседател Борис Трајковски во Ротимље, цвеќе положија и оддадоа почит и министрите од владината делегација од Македонија, за внатрешни работи, Оливер Спасовски, за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, за економија, Бектеши Крешник, за култура, Роберт Алаѓозовски и за дијаспора, Едмонд Адеми.

Премиерот Заев и владината делегација вечер ќе присуствуваат на манифестацијата „Мостар не ги заборава своите пријатели 2017“ во Мостар, каде што ќе биде потпишана Повелба на мирот и на претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, ќе му биде врачена наградата „Мostar Peace Connection“.