Премиерот Зоран Заев потврди во средата дека останува на ставот да ги чека информациите од истрагата за пожарот во модуларната болница во Тетово во кој загинаа 14 лица а уште 12 беа тешко поврдени, па потоа ќе донесе одлука за оставките на двајцата директори на болницата, министерот и заменик министерот за здравство.
„Како што реков, ред е да ја почекаме истрагата. Така да јас би чекал и секако останувам на ставот на тоа што го соопштив, согласно информациите од истрагата јас ќе го соопштам ставот по етичкиот однос на поднесувањето на оставките на директорот на болницата, на економскиот директор, на министерот за здравство и на заменик министерот за здравство“, рече Заев на прес-конференцијата во Владата.
Додаде дека се надева час поскоро дека ќе заврши истрагата, заради тоа што, како што рече, граѓаните чекаат да добијат информација за тоа што точно се случило и кои се причините за пожарот.
Околу барањето на опозицијата да биде формирана анкетна комисија за пожарот во болницата, премиерот кажа дека ниту тој, ниту Парламентот треба да истражат еден орган.
„Конзистентни сме во политиките и ставовите што ги градиме. Нека излезе истрагата, нека сработат професионалците и експертите и нека кажат во суштина преку своите извештаи, а секако Парламентот потоа си има право да формира анкетни комисии, да дебатира, да анализира, да укажува, да корегира итн.“, рече Заев.
Прашан дали има простор за сомнеж за злоупотреба на средства од Светска Банка, тој рече дека ни малку не се сомнева.