Имено, синоќа ДИК го отфрли ветото од дополнителниот заменик – министер Кире Наумов, кое се закануваше да ја доведе во опасност исплатата на платите, пензиите, социјалните трансфери и реализацијата на капиталните инвестиции.
Одлуката на ДИК внесува стабилност во економијата
Со мнозинство гласови, членовите на ДИК потврдија дека аукцијата на државните хартии од вредност нема да влијае на изборниот процес, што беше и главната теза на СДСМ, наспроти тврдењата на ВМРО-ДПМНЕ дека СДСМ прави обид да создаде хаос во државата.
Пензионерите можат да бидат мирни и спокојни како и досега. Девет години како што исплаќавме редовно пензии ќе продолжиме и понатаму, и сега овој петок пензионерите ќе си ја добијат заслужената пензија, изјави министерот за финансии Зоран Ставрески.
Министерот за финансии додаде дека и субвенциите кон земјоделците ќе може да се реализираат согласно предвидената динамика и, како што нагласи, денес, утре и во наредните денови ќе има исплата на субвенции.
Исто така платите на војската, на полицијата, на здравствените работници, на образовните работници, на сите други коишто примаат средства од Буџетот ќе бидат исплатени редовно почнувајќи од утре па во наредните десетина дена, како и исплатата на социјалната помош, а за стопанството ќе биде редовно вратен ДДВ, она што е најважно за фирмите, како и исплатата на фактурите од Буџетот за извршените градежни и други работи, рече министерот за финансии.
Според него, ова внесува стабилност во економијата, сигурност за сите граѓани и сите фирми да се чувствуваат постабилно и да знаат дека Буџетот ќе се извршува како што и досега се извршуваше во корист на граѓаните и на стопанството.