КОВИД пандемијата ги одложи пописите во неколку земји, меѓу кои и Србија. Пред неколку дена излезе вест по медиумите дека Србија пописот го одложува за шест месеци подоцна, односно одржување на овој процес би можел да се одржи во октомври ако епидемиолошката слика се подобри во земјата.
Од Владата на Србија изјавено е дека истата ги усвои измените на Законот за попис, бидејќи пописот планиран за во април, поради епидемиолошката ситуација, ќе се одложи за периодот од 1 до 31 октомври.
По одложувањето на пописот во Србија, „Еуростат“ се произнесе со став дека пандемијата на корона вирусот има директно влијание врз водењето на европската статистика и дека станува сè појасно дека многу земји се соочуваат со значителни потешкотии во спроведувањето на пописот. Годината што претходи на теренското спроведување на пописот е клучна за планирање и тестирање на ефикасноста на системите и процесите, што не можеше да се реализира поради ограничувањата предизвикани од пандемијата.
Од друга страна, премиерот Зоран Заев смета дека потребно спроведување на попис без разлика какви последици ќе има врз здравјето на граѓаните.
„Треба да има попис. Никој не знаеме кога ќе заврши пандемијата. Правиме штета на државата, трошиме пари, а немаме 20 години вистински податоци за развој на економијата“, вели премиерот Заев во интервју за ТВ Сител во врска со прашањето за одржување на пописот во услови на КОВИД кризата, додавајќи дека пописот е алатка којашто секоја земја не случајно ја прави на секои 10 години, токму поради тоа што од таму извираат податоци на основа на коишто се прават најефикасни политики за да може да се развива економијата, за граѓаните, за стандардот.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски напиша писмо до амбасадорите во земјава, осврнувајќи се на пописот, локалните избори и ситуацијата со КОВИД пандемијата. Тој во писмото до меѓународниот фактор укажа дека Македонија, како и остатокот од светот се соочува со нов бран на КОВИД-19, но во исто време државава се наоѓа на дното во Европа по број на вакцинирани.
„Борбата против тешката епидемиолошка ситуација, во недостиг на вакцини, комбинирано со теренски попис, ќе го стави во сериозен ризик јавното здравје. Јас не се сомневам во потребата од кредибилен попис, но во овој момент не е време за истиот. Ние мора да сме фокусирани пред сѐ на борбата против здравствените предизвици кои се пред нас. Откако ќе се надмине здравствената криза, можеме повторно да се насочиме на пописот”, стои во писмото.