Заев манипулира: Реалноста покажа дека ниту е сменето името, ниту е сменет идентитетот

Како и што се очекуваше, лидерот на СДСМ Зоран Заев „најразорните бомби“ ги чуваше за крај. Денес, на само еден ден пред најавениот голем протест на опозицијата, најверојатно со цел, да успее да предизвика поголем одзив од јавноста, Заев објави неколку монтирани и прелепувани телефонски разговори кои, наводно треба да покажат дека Власта се пазарела за името.

И овој пат, Заев по веќе добро востановениот начин на одржување на прес-конференциите на „Павел Шатев“ (Бихаќка) по долгиот вовед објави неколку креирани телефонски разговори.

Јавноста во рамки на денешната „бомба“ имаше можност да слушне како тогашниот министер за надворешни работи Антонио Милошоски му реферира на премиерот Никола Груевски за предлозите и за текот на преговорите за името. Тие на глас размислуваат дали овие предлози би поминале на референдум или не.

Заев повторно се обиде да ја манипулира јавноста. Во рамки на наводниот телефонски разговор може да се слушне дека сеуште не е донесена пресудата за тужбата што Македонија ја поднесе против Грција пред Меѓународниот суд во Хаг, која беше донесена на 5-ти декември 2011 – та година. Антонио Молиошоски беше шеф на македонската дипломатија во периодот од 2006-та година до јули 2011-та година.

Ова, со други зборови би значело дека разговорите се стари повеќе од четири години, а времето досега покажа дека ниту е сменето името, ниту пак е сменет идентитетот. Напротив, прашањето за името остана нерешено и тоа е главна пречка за понатамошните евроатлански интеграции на земјата.

Инаку, освен оваа Заев најавуваше дека ќе објави уште една т.н. бомба која ќе се однесува на случајот Монструм или на убиствата кај Смилковското езеро. На денешната прес – конференција најави дека утрешниот протест нема да заврши и дека ќе останат таму се додека, како што рече, оваа власт не си оди.

Од друга страна пак,  информираше дека поради чувствителноста на состојбите во моментов, креираните материјали за случајот „Монструм“ нема да бидат објавени.

Лидерот на опозиционерите денес најави и прекин на објавувањето на „бомби“ додека траат протестите, но нагласи дека на јавноста нема да им останат должни и дека по паузата веднаш ќе ги објават и „материјалите“ за убиството кај Смилковското езеро.