Успехот на новата Влада на Република Македонија за напредок на Македонија е мотивација за регионот. Капацитетите на Владата да ги сработи потребните реформи се видливи. Се надеваме дека и Република Македонија ќе стане членка на НАТО, истакна црногорскиот премиер Душко Марковиќ на билатералната сердба со премиерот Зоран Заев пред почетокот на Самитот во Подгорица.
Како што информира владината прес-служба, црногорскиот премиер истакнал дека Црна Гора споделила значајно искуство и дека има голема промена во интересот на странските инвеститори за вложувања во Црна Гора откако државата станала членка на НАТО.
Премиерот Заев, пак, соопштил дека Република Македонија добила Влада посветена на реформите и на евроатлантските интеграции на државата, што треба да придонесат за квалитетен живот на сите граѓани на Македонија.
– Имаме стабилна Влада, којашто ги обединува сите граѓани и етнички заедници во државата. Енергично работиме на потребните промени, вклучувајќи ги сите во општеството. Ги развиваме искрено и динамично добрососедските односи. Со ова, веруваме дека ги отвораме европските перспективи и се надеваме дека ќе бидеме следната членка на НАТО, истакнал Заев.
Претседателот на Владата, како што информира владината прес-служба, оценил дека со вчерапотпишаниот Договор меѓу Република Македонија и Република Бугарија за добрососедство, со интензивните контакти на регионално ниво, како денешната со црногорскиот премиер Марковиќ и изразените регионалните иницијативи за соработка, регионот испраќа позитивни пораки на зрелост што, според него, ќе бидат забележани и вреднувани во европските и НАТО интерации на државите.
На билатералната средба премиерите Заев и Марковиќ констатирале дека Република Македонија и Република Црна Гора се пријателски земји кои немаат отворени прашања и поради тоа имаат одлична основа за вистинско унапредување на односите. Се разговарало и посебно за развој на економската соработка и поврзување на бизнисмените од двете држави.
Средбата на Заев со црногорскиот премиер Марковиќ е вовед во денешниот работен ден во Подгорица на делегацијата од Република Македонија, што продолжува со отворена воведна сесија на Самитот на земјите од Јадранската повелба. Премиерот Заев е претседавач на Самитот и кодомаќин заедно со премиерот на Црна Гора Душко Марковиќ, а на самитот ќе присуствува и потпретседателот на САД Мајк Пенс.
Предвидена е работна сесија на која свои излагања ќе имаат сите присутни, премиерот Заев, како претседавач и кодомаќин на Самитот, премиерите на земјите членки на Јадранската повелба – Еди Рама на Албанија, Андреј Пленковиќ на Хрватска, Душко Марковиќ на Црна Гора, Денис Звиздиќ на Босна и Херцеговина, како и на земјите набљудувачи – премиерката на Србија Ана Брнабиќ, на Словенија – Миро Церар и на Косово – Хашим Тачи.
Заев е придружуван од министерката за одбрана Радмила Шекеринска-Јанковска, вицепремиерот Хазби Лика, министерот за надворешни работи Никола Димитров и пратеникот Стево Пендаровски.