Заев: Сите во светот знаат на каде е ориентирана Македонија

Сакаме соработка со сите, но нашето место е во НАТО и во Европската унија, изјави во понеделникот македонскиот премиер Зоран Заев одоворајќи на прашањето дали заедничката македонско-американската воена вежба на полигонот Криволак и демонстративното покажување на американската воена опрема во неколку градови е порака до Русија.

„Јас мислам дека сите во светот знаат кон каде е Македонија ориентирана. Уште еднаш само ќе потврдам дека ние сакаме соработка со сите земји. Но, нашето место е во НАТО, со полноправно членство и со полноправно членство во Европската унија, и овде нема дилеми. Овие вежбовни активности испраќаат многу вредна порака, а тоа е порака на соработка за обезбедување  мир во светот и за сите граѓани“, рече Заев.

„Оваа вежбовна актвиност, како што ме прави мене горд, верувам дека треба да ги прави горди сите граѓани на мирољубивиот свет, затоа што армијата се подготвува да го обезбеди и да го гарантира мирот во светот, како и да ја сочува слободата која што знаеме дека е драгоцена вредност која што мора да се чува“, додаде македонскиот премиер.

На прашањето што очекува од средбата со американскиот потпретседател Мајк Пенс, во среда во црногорската престолнина Подгорица, Заев изјави дека е задоволен што се совпаднале вежбите на Криволак со посетата на регионот на високиот американски претставник.

„Ова само потврдува колку сме посветени кон интеграциите кон НАТО алијансата. Оваа заемна соработка е израз на нашата целосна посветеност и на нашата комплетна желба, час поскоро Македонија да биде рамноправна членка на НАТО“, рече Заев.

Најави дека ќе ја искористи можноста со Пенс да „поразговараме за нашите идни планови“ и тој ќе ја побара поддршката од САД, како и од другите земји членки на НАТО, „навистина и конечно“ Република Макеоднија го направи тој долгоочекуван чекор да добие полноправно членство во НАТО.