Заев му ги претстави приоритетите и владата на претседателот Пендаровски

Премиерот Зоран Заев го престави денес новиот состав на извршната власт пред претседателот на државата. Притоа ги повтори приоритетите што ги најави претходно во Собранието , од економијата, судството до реформи на администрацијата.

„Обединети во различностите заедно ја создадовме програмата за новата влада.Имаме силни аргументи да го убедиме претседателот Пендаровски дека не обединува силна волја за остварување на стратешките приоритети, порача Заев.

Нагласи дека реформата во институциите почнува токму со оваа влада, бидејќи таа ќе има седум министри помалку.

„Ова ќе биде мала ефикасна влада, која ќе воспостави ритам на трансформација со граѓаните и Европската унија. Време е да сработиме и да работиме, да продолжиме со силни чекори во подобра иднина“, уверува Заев.

Околу најавата на Мицкоски дека ќе ја урива власта со демонстрации, Заев рече дека е негово право и на членството на ВМРО-ДПМНЕ како ќе работат во иднина.

„Ние сите и граѓаните очекуваме соработка, бидејќи така повеќе ќе постигнеме. Оваа влада има огромни успеси на домашен и на надворешен план. Во слобода и демократија секој може да планира и да прави што смета дека треба, но јас верувам дека граѓаните ќе дадат поддршка на успесите“, рече Заев.

Како ќе се гласа во иднина по случајот со болниот пратеник вчера, беше прашањето на новинарите на кое Заев одговори дека тоа може да се случи во Владата и во било која институција, и мора да се научиме на тоа.

„Мора да се научиме да живееме со корона кризата додека не се измисли вакцината. Сите институции мора да продолжат да функционираат, со почитување на протоколите. Столбот на демократијата, Парламентот, вчера покажа како се почитуваат протоколите.Следните шест месеци ќе бидат потешки од изминатиот период, а тоа го крева алармот да бидеме повнимателни и попосветено да ги почитуваме мерките“, одговори Заев.

Според него замениците ќе се избираат следната недела, а овие денови ќе продолжат консултациите со сите партии од парламентарното мноинство за да ги изберат најквалитетните кадри.