Заев му подари американски пури на „братот“ Борисов, но и му ги посвети сите награди за Преспанскиот договор

Премиерот Зоран Заев денеска во Софија му подари американски пури на поранешниот бугарски премиер Бојко Борисов, а му ги посвети и сите награди, оти, како што рече, тоа што се случи со Грција никогаш немало да се случи ако претходно не се случеше со Бугарија.

Со зборовите „брату мој“, Заев му ги подаде американските пури, па му порача: „за шампионите – шампионски пури“.

– Благодарение на бугарската влада и премиерот повторно се врати вниманието на ЕУ кон Западниот Балкан, а не само кон С. Македонија, особено со самитот ЕУ- Западен Балкан во Софија. Со тогашниот грчки премиер Алексис Ципрас ги поставивме контурите на Преспанскиот договор токму во Софија за време на тридневните преговори. Затоа, сите награди кои ги добивме сега ги посветуваме на Бојко Борисов. Затоа што тоа што се случи со Грција никогаш немаше да се случи ако претходно не се случеше со Бугарија и ние тоа никогаш нема да го заборавиме – рече Заев.