Премиерот Зоран Заев денеска најави интензивирање на средбите со бугарските власти во насока на постигнување решение за спорот со Бугарија, пред јунскиот самит на Европската Унија, за кој постои оптимизам дека ќе биде дадено зелено светло за одржување на првата Меѓувладина конференција.
Заев, одговарајќи на новинарско прашање, рече дека во периодот до 22 јуни ќе се одржат многу состаноци. Го спомена самитот во Анталија на 17 јуни, но како можност за средби со бугарските претставници го посочи и самитот на НАТО во Брисел на 14 јуни.
„Верувам дека и билатерално ќе се видиме затоа што нашите министри за надворешни работи со своите тимови соработуваат, го доразвиваат планот за соработка. Се работи за секторскиот план од сите области, верувам дека ќе го утврдиме до крај. Јас дури верувам дека може да се одржат и Меѓувладината конференција во престојниот период, а во меѓувреме да се усвојат сите потребни работи“, нагласи Заев.
Додаде дека интензивирањето на состаноците и приближувањето до решение, може да биде од помош, за како што рече, „тоа гласно ДА“, кое се очекува на 22 јуни за одржување на првата Меѓувладина конференција.
„Пред нас е мегдан, значаен период, верувам дека можеме да ги искористиме до максимум сите можни средби за да постигнеме евентуален успех, нагласи премиерот.
Македонија и Бугарија ги приближуваат позициите врз основа на португалскиот предлог за решавање на спорот, кој неодамна им беше презентиран и на двете страни. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ обвинува дека предлогот е штетен и е планирано бугарската декларација да стане дел од преговарачката рамка и бара од Заев да каже дали на маса е таа декларација, со која се негираат македонскиот идентитет, историја и јазик. Обвинува и дека се водат тајни преговори со Бугарија и бара одговор за тоа дали е точно дека Заев ги прифаќа бугарските позиции.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во петокот се обрати со соопштението, во кое наведе дека смета оти е недоговорно да се врши национално предавство и да се преговара за историјата, јазикот и нашата посебност.
Премиерот, но и други претставници на Владата изминатиот период потенцираат дека португалскиот предлог на ниту еден начин не задира во идентитетските прашања.
Заев вчера ги оцени како несериозни изјавите, особено од претседателот на најголемата опозициска партија, Христијан Мицкоски во врска со прашањето со Бугарија и нагласи дека тоа може да предизвикаат само штетни последици и закочување на процесот на евроинтеграции на Северна Македонија.
Повтори и дека ништо не се крие и не се разговара поразлично и оти на маса е португалскиот предлог и оти тоа за нас е добра основа да се најде решение за билатералното прашање со Софија.
„Апелирам за трезвеност затоа што илјада пати потврдивме, додека стоеше до мене потпретседателот на ЕУ Борел, или Тимерманс или претседателката Фон Дер Лајн или кој било од луѓето кои се лидери во ЕУ, вклучувајќи и претседатели и премиери на земји членки на ЕУ, експлицитно јасно кажав доколку македонскиот јазик и македонскиот идентитет се на маса ние не преговараме, така што еве го 22-ри ќе се знае за што е разговарано. Тоа е за 18 дена од денеска“, порача Заев.