Сите сме свесни дека разговорите со Бугарија треба да продолжат без разлика на исходот од претстојниот Совет на министри, изјави премиерот Зоран Заев.
– Треба да се имплементираат Договорите со Грција и Бугарија. Во оваа насока, Бучковски треба да е мотиватор за реализација на договорите. Разговорите, пак со Бугарија, ги води МНР, односно Бујар Османи, а вклучен е и вицепремиерот Никола Димитров. Тука е секако и мојот кабинет, но и амбасадарот во НАТО, Дане Талевски. Деновиве се прават напори за да се изнајде решение. Ние претходно го подготвивме народот дека е можно да не се усвои преговарачката рамка, а со тоа и да започнат преговорите. Но, нашата стратегија е дека треба да продолжиме да разговараме и ќе правиме максимални напори до последниот момент, изјави Заев.
Тој додаде дека Владо Бучковски како специјален претставник ќе има мандат за една година и ќе работи на акциски план за подобрување на реализацијата на Договорот со Бугарија, што би довело до зајакнување на пријателството. Заев откри дека планот опфаќа и побрза изградба на Коридор 8, соработка во енергетиката, образованието, здравството, како и за историсите прашања.
Премиерот повтори дека грижата за националните интереси е секогаш добредојдена, но дека гарантира дека не се преговара за идентитетот и јазикот, бидејќи тоа е право на самоопределување, додавајќи дека работната група на МНР преговара за говорот на омраза и бугарските стравувања за територијални претензии со користењето на скратената верзија на името на земјата.
Тој откри дека на денешната средба на Комисијата за историски прашања бил постигнат напредок, а разговорите се водат во пријатна и пријателска атмосфера, додавајќи дека во учебната година 2021/2022 ќе започне имплементација во учебниците на она што е договорено во Комисијата за историски прашања.