Фејсбук објава на поранешниот премиер Никола Груевски:
Неспособна власт која е за мајтап се подбива со власта чии успеси никогаш нема да ги достигне
Изминатите денови во еден ист ден премиерот Ковачевски и неговиот партиски портпарол во некоја дневна расправија со актуелниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ, кажаа дека тој, исто како и јас како негов претходник, измислувал светски заговори и специјални непријатели на Македонија.
Не навлегувајќи во дневните дебати и препукувања помеѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ и нивните актуелни челници и претставници, а имајќи во предвид дека оваа тема проширена со тоа дека јас сум ја изолирал земјата е една од многу пати повторуваните лажни тези и обвинувања упатени кон мене во последните не само 6, туку можеби и 10 години, нешто што најчесто го игнорирав бидејќи сметав дека е очигледна невистина, решив сега барем еднаш да го коментирам.
I. Мојот прв дел од одговорот е дека со оваа теза тие всушност сакаат да си ги покријат грешките и преголемите остапки во договорите со Грција и Бугарија заради кои гневот на мнозинството граѓани е сеуште голем.
Нивната теза не е дека Грција и Бугарија имале некаква вина што не ја натерале владата на Заев да потпише нешто што не го потпишаа ниту еден од поранешните премиери и влади, туку дека вината е кај мене и кај нас како влада која ја предводев што не сме сакале уште пред 15-16 години да потпишеме тоа што тие во 2019 година го потпишаа.
Во ред, разбирам дека СДСМ мора да се брани, колку и да тешко се бранат некои одлуки, мора да бара некакво оправдување, нешто да кажат, па макар и да излажат.
Но, индиректно фрлајќи ја вината кај македонските влади, поточно кај мене и владата која ја предводев, бидејќи сите други поранешни премиери се дел од нивниот табор сега, па не сакаат со нив да се конфронтираат, и амнестирајки ги преку не споменување нашите два соседа, не ми прави мене никаква штета, но од себе во очите на народот кој размислува со сопствена глава, во најдобар случај прават да личат на кловновни, а во нешто полоша варијанта на луѓе кои работат за туѓи интереси.
Народот многу повеќе би ценел иако не верувам дека би простил, ако се поискрени и кажат: “нашиот поранешен лидер Заев за му помогнат да стане премиер (по веројатно би пишале “за да му помогнат да го смени “режимот”), дал ветувања дека ќе го реши ова прашање во краток рок, и потоа се најде во ситуација во која мораше да направи болни компромиси спротивни на волјата на мнозинството, но во сето тоа има и некои позитивни работи…, и понатаму нека смислат нешто.
Правејќи го виновен тој што жестоко се борел за национален интерес, барал илјада начини како да се надмине спорот а да нема така брутални остапки по прашањата од висок национален интерес, заради што трпи и веројатно уште долго ќе трпи лични последици, вие само ја зголемувате загубата на вашата доверба бидејќи ја потценувате интилегенцијата на мнозинството народ, а тоа има цена, која се плаќа на изборниот ден.
II) Вториот дел од мојот одговор е практично одговор на едно многу едноставно прашање а тоа е дали е можно да сме измислувале светски заговори, специјални непријатели и да сме ја изолирале земјата, кога надворешно-политички таа политичка гарнитура била најактивна и се борела со сериозни аргументи, колку и да не успеала во тоа?
Ова може да се види најмалку од десетина случувања во тој период.
Секако имаше и слабости и грешки, но кога тие слабости и грешки ќе ги споредиме со таквите кои дојдоа по превратот во 2017 година, тие и не личат толку на грешки. Еве неколку непобитни факти дека не само што не станувало збор за влада која ја изолирала земјата и измислувала специјални непријатели и заговори, туку Македонија имала супер активна и ефикасна влада по однос на стратешките прашања.
1. Во тој мандат во првите две години (2006-2008)години за мошне кус период се исполнија сите зададени услови од НАТО за земјата да се квалификува да биде предложена за добивање покана за членство во НАТО на самитот во Букурешт во април 2008 година, услови кои претходно со години претходните влади не можеле да ги исполнат и кои се однесуваа на пет области. Како резултат на тоа, ден пред одржување на самитот на НАТО во Букурешт, претседателот на САД Џорџ Буш во Романскиот парламент изјави: “утре ќе бидат поканети три држави да станат членки на НАТО -,Хрватска, Албанија и Македонија”.
За да се дојде до овој момент, до таква изјава на претседателот на САД, после само две години напорна работа, со која се исполни се што со години не можеле претходниците да исполнат, веројатно не било едноставно и не можело да биде производ на политичари кои сакале и работеле на некаква изолација, на измислени непријатели и заговори или против зачленувањеро на Макеоднија во ЕУ и НАТО.
Интерсно е што СДСМ во коментарите нема замерки ниту било каква критика на однесувањето на Грција, тоа што тогаш и покрај се не блокираше, туку има на нас кои тогаш ја предводевме земјата, а во кое водство беше и Бранко Црвенковски кој тогаш ја обавуваше функцијата претседател а претходно премиер и со кого на тој самит имавме заеднички позиции и подеднакво чувство на неправда по завршувањето на истиот.
2. Македонија под водство на таа влада цели 9 години по ред добиваше позитивна препорака од европската комисија (ЕК) упатена до европскиот совет(ЕС) за почеток на преговорите, укажувајќи дека со направените реформи и напредок земјата е веќе спремна да ги започне преговорите за полноправно членство, а сличен наратив беше користен и за членството во НАТО. И покрај се, тоа исто така беше блокирано од Грција. Денес СДСМ нема никакви критики кон Грција, туку виновен сум им јас, што сум водел влада која сѐ што треба направила како и секоја друга земја за да ги започне преговорите за членство во ЕУ и НАТО, освен што одбила да прифати нешто што ниту една друга држава на светот ниту прифатила, ниту некој и барал од неа, ниту би прифатила;
3. Таа влада што според СДСМ смислувала заговори и непријатели, за рекордно време ги исполни условите и доби визна либерализација во 2009 година, нешто што СДСМ претходно не беше способна да го направи одкако постои; Граѓаните можеби подзаборавија колку беа изолирани претходно со визите додека владееше СДСМ. Е тоа беше изолација. Се сеќавам дека во времето на СДСМ некои граѓани ги тераа да играат оро пред амбасадите за да докажат дека се играорна група за да добијат виза со која би отпатувале на некој фестивал. Значи во врeмето на СДСМ оро, а од владaта која Ковачевски не ја бендисува не треба никаква виза за патување во ЕУ. Ние сме излолирале, СДСМ не изолирала. Во ред…
4. Таа влада предводена од мене како премиер потпиша декларација за стратешко партнерство со САД во Вашингтон во 2008 година и тоа беше направено без никакви жртвување на националните интереси и недостоинствено однесување;
5. Таа влада за која СДСМ тврди дека измислувала непријатели и заговори и ја изолирала земјата, ја доби Грција во 2011 година пред меѓународниот суд во Хаг со гласање на судиите 15 наспроти 1 (тој еден судија беше Грк), за нелегалното според меѓународнoто право спречување на Македонија да добие покана за членство во НАТО во Букурешт, и таа влада СДСМ ја критикува и подбивно се обраќа за неа, а е горда на Грција која не ја спроведе пресудата против нивната земја Македонија, и гордо ја чувствува заслугата за создаден нов сојузник, откако се што 28 години од сите дотогашни влади на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ и стотици дипломати се бранеше, се отстапи и предаде. Да не се навраќам на жртвите кои паѓале низ историјата за идентитетските прашања на Македонија и македонците.
6. Таа влада успеа да ја дотера бројката на земји кои не признале под уставното име до 146 држави, вложувајќи огромни напори на многу луѓе, огромни дипломатски и политички активности, многу преговори, посветени време, енергија и ресурси, како што и претходните влади, вклучително и оние на СДСМ делувале во тој правец. Сето тоа се погази и уште се мајтапат со нас дека сме ја изолирале земјата, сме смислувале непријатели и заговори.
7. Таа влада со која некои недоквакани политичари се мајтапат, освен со САД и со ЕУ и сите нејзини земји членки, а во прв ред Германија, Франција и Италија (тогаш и Британија), со чии високи претставници на овие сојузнички земји имаше редовни и чести билатерални средби и тесна соработка на највисоко ниво, истовремено создаде соработка, различни видови партнерства, и доби поддршка и во односите кои ги градеше со земји со кои речиси сите претходни влади, како и денешната, не се ни обидувале да ги унапредат односите, а тоа се чекорите на соработка што се направија со Јапонија, Канада, Австралија, Индија, Бразил, Велика Британија, Русија, Украина, Израел, ОАЕ, Саудиска Арабија, Катар, Кина, Мексико, Турција, Казахстан, Азербејџан, Норвешка и други големи светски или регионални сили, одржувајки со нив официјални билатерални средби и посети, разговори, работејќи на конкретни прашања на соработка, градејќи мостови на соработка, создавајќи пријатели на Македонија, потпишувајќи корисни договори и креирајќи разговори на највисоко политичко ниво, а дел од нив токму во тој период донесоа одлуки за признавање на Република Македонија под уставното име, меѓу кои беа, Јапонија, Канада, Унгарија и други.
Да, како изолирани имавме и “изолиран” претседавач на генералното собрание на ООН.
8. Таа влада имаше способност и умешност да соработува со сите, да ги зајакнува веќе создадените сојузништва но и да гради нови, без да се понижува истовремено, без да гази по сопствената историја, минато и чест, без да ги обвинува пред другите земји политичките конкуренти во Македонија. Соработката и покрај нерешеното прашање со Грција беше мошне силна и со своите сојузници во ЕУ, САД и НАТО, како и со многу други значајни држави во светот. Сѐ до согласувањето на Заев да го реши прашањето по секоја цена инсе разбира не во наша полза, односите со сојузничките држави беа на високо ниво. За жал, испадот на Заев изразувајки подготвеност да прифати се што ќе се побара за да добие власт, ги урна сите дотогашни напори на сите влади и предизвика големата кампања за рушење на таа власт и нејзина замена. Тогаш во таа кампања главно во 2015 и 2016 се измислија сите негативни фрази и етикети кои беа во служба на смена на власта заради смена на името, идентитетот и историјата. Се до тој момент, таа влада беше многу повеќе почитувана и далеку повеќе активна на меѓународен план од сегашните влади по 2017 година. И јас знам, дека ако не се случеше “црпнувањето”, ако некои луѓе не се чувствуваа толку инфериорни, ако имаа самодоверба и капацитет дека и со подобра понуда, тим и визија може да се дојде на власт, ние заеднички, и СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, заедно со другите партии, ќе издејствувавме далеку подобри договори со нашите соседи, особено сега со новата ситуација во Украина.
Многу е лесно како мала и ранлива земја да просперираш во меѓународната политика со бескрајна попустливост и одстапки на секој национален интерес.
Многу е потешко она што ние, вклучително и претходните влади и претседатели, независно на политичката припадност го работевме борејќи се за сопствениот државен и национален интерес и барајки разумни и одржливи компромиси кои нема да ги загрозат виталните интереси на нацијата и државата. Многу е потешко и поризично да пркосиш и упорно да се бориш со цврсти аргументи со многу посилни од тебе;
9. Таа влада со која сега СДСМ се обидува да се подбива, со години, до почетокот на какпањата за нејзина смена, добиваше највисоки признанија за напредокот, реформите, промените кон подобро, решавањето на проблемите, во повеќето области од страна на ЕУ, преку извештаите и изјавите на нивните претставници, од НАТО членките исто така, од САД преку многу нивни извештаи, изјави на значајни поединци и соопштенија, но и многу пошироко од државите низ светот, а да не говорам за оценките на Светската банка, ММФ, ЕБРД и куп други меѓународни економски организации, институционални банки, индекси, агенции за економски рејтинг итн. Тоа не доаѓаше ниту случајно ниту гратис. Тоа беше одработено, со многу работа и труд а не со изолирање или измислување заговори и специјални непријатели.
10. Во времето на таа влада Бугарија не помислуваше да ја блокира Македонија за членствовто во ЕУ и имавме редовни средби и дијалог со нив и со сите соседи, освен Грција, која држеше одредена дистанца, но со чии премиери имав можеби повеќе средби од средбите на Заев и на Ковачевски заедно, во обид да најдам решение за деблокада на членството во НАТО и ЕУ. Само со Јоргос Папандреу имавме најмалку десет јавни и транспарентни лични средби најчесто во Брисел, но и во Грција(Преспа), Истанбул и на други локации каде бевме на различни настани, плус и средби со некои од нивните технички и преодни премиери кои во тој период беа повеќе.
Проблемите и влошувањето на нашите позиции почнаа кога се појави Заев и почна да пушта јасни сигнали на негова подготвеност за капитулација доколку му биде овозможено да стане премиер. Кога како претседател на СДСМ почна пешки да ја преминува границата со Грција, а подоцна со замина во Бугарија, каде на тамошните власти им предаде аудио матерјали од разговорите на макеоднскиот државниот врв по прашањата поврзани со Бугарија (просто неверојатно!!!), со цел да им ги открие сите наши стратегии и планови во нашите односи и разговори, а истото го направи и со преставници на други земји; Ова не го претпоставувам туку го знам лично од некои нив, кои отворено се фалеа со неговата блискост и добиен матерјал.
Проблемите очигледно почнаа кога раководството на СДСМ свати дека со тој човечки потенцијал и капацитет кој тогаш го поседуваа, а особено лидерот, со нивните политики и неспособност, нема да може уште долго да го победи ВМРО-ДПМНЕ и одлучија да фатат еден друг пат, кој не дотера до ова денес. Се разбира тоа меѓународно беше добро пречекано, иако можам да замислам, поточно знам што и тие луѓе – високи преставници на држави наши сојузници во себе мислеа за такви политичари, но сепак иако го знаеја нивниот капацитет и коруптивни мотиви кои подоцна се потврдија, ги подржаа бидејќи во тој момент им беа корисни.
11. И конечно таа влада која смислувала непријатели и заговори и која свесно ја изолирала земјата ги постигна најголемите компаративни успеси на меѓународен еконосмки план признати од Светската банка, ММФ, ЕБРД и други. Земјата се искачи до 64. место по перцепција на корупцијата, за разлика од сега кога е падната многу пониско од 100. место. И тоа не е без причина.
Во периодот додека ја предводев владата како премиер, по 20 години агонија, затворање фабрики и отпуштање работници, народот прв пат виде дека може да почне и циклус на отворање фабрики и носење на странски директни инвеститори од многу држави, а најмногу доаѓаа од САД и ЕУ. Тоа предизвика нови вработувања, па бројот на вработени во мандатот нарасна за неверојатни 182 илјади лица. Денес веќе не расте бројот на вработени. Опаѓа.
Во тој период Македонија е земја со најниска вкупна даночна стапка во СВЕТОТ (The Global Competitiveness Report 2014-2015), лидер во Европа според бројот на новоотворени работни места по жител креирани од странски инвеститори (Ernst & Young, 2015), прворангирана во светот од аспект на создадени или новоотворени работни места (на милион жители) преку странски директни инвестиции (IBM Business Institute, 2016), неколку години помеѓу топ 10 реформатори во СВЕТОТ (World Bank, Doing business report 2008, 2012 и 2014), 10-та најдобра во СВЕТОТ и 5-та земја во Европа за лесно правење бизнис (World Bank Doing business report, 2016.
Достигнувањата, активностите, напорот и посветеноста на таа влада, сегашните предводници на власта во овие над шест години неможат да ја достигнат дури и ако уште еднаш се родат, со овој потенцијал, капацитет и одговорност кои ги имаат.
Република Македонија наспроти малата големина и економска сила беше високо суверена држава, почитувана заради успесите, реформите и напредокот кои делумно ги набројав и во голема мерка рамноправен играч со многу посилни од себе.
Денешнава Северна Македонија предвидена од овие неспособни е “смешка” , “мајтап” “трагикомедија”, “карикатура”… во однос на тоа што беше во тој период.
И сега “смешката” уште и се смее на оние чии цели и визија на поранешната влада и се недостижни.
Единствениот изговор во една ваква дебата на оваа влада се последните 2 години од владеењето на власта која ја предводев, кога веќе видливо и не скриено, отворено, имаше огромен надворешен напор и организирана кампања за смена на власта со цел да се инсталира “месијата” како премиер по секоја цена, напишав зошто, а и да не напишев веќе сите знаат. Таа активност многумина ја квалификуваат како еден модерен вид на државен удар, односно државен преврат.
Подолу за потсетување на оние кои говорат дека во времето на ВМРО-ДПМНЕ Македонија била изолирана приложувам мал дел од фотографиите од само дел од средби, разговори и комуникација на “изолираните” и оној “кој смислувал светски заговори и специјални непријатели”, а истовремено се среќавал и комуницирал со претседателите, премиерите и други значајни личности на сите позначајни држави.
Со претседателите или како и да им гласи титулата на првите по моќ луѓе во САД, ЕУ, НАТО, Кина, Русија, Бразил, Франција, Израел, ООН, ОЕЦД, Катар, ОАЕ, Саудиска Арабија, Мексико, Турција, Австрија, Унгарија, Ватикан, Чешка, Романија, Грузија, Хрватска, Словенија, и повеќе други.
Со премиерите или како и да се нарекуваат на ЕУ, Индија, Австралија, Канада, Германија, Велика Британија, Италија, Јапонија, Шпанија, Португалија, Луксембург, Израел, Турција, Австрија, Унгарија, Полска, Чешка, Словачка, Белгија,Норвешка, Шведска, Данска, Романија, Хрватска, Словенија, Црна Гора, БиХ, Естонија, Литванија, Латвија, соседните, Србија, Грција, Бугарија, Албанија и Косово и голем број други премиери, претседатели, емири, кралеви, принцови, министри за надворешни работи, претседатели на сенати, на парламенти и конгреси, генерални секретари, секретари, комесари итн, а во светот на бизнисот и економијата нема да ја изложам листата бидејќи е многу долга, и секако започнува со две посети и разговори на една мала “изолирана” земја “со измислени специјални непријатели и светски заговори” од страна на тогаш најбогатиот човек на светот Карлос Слим.
Како и да е, историјата и идните генерации ќе знаат да направат добра разлика помеѓу делата, напредокот и држењето до сувереноста на едните и неодговорноста и безсмислата на другите.