Заев на прес-конференција призна дека извршил кривично дело и ја нарушил тајноста на постапката

„Премиерот Зоран Заев на денешната прес-конференција од Владата повторно документирано изврши кривично дело. Заев спротивно на член 289 и член 299 од Законот за кривична постапка одаде информации од предистражна и истражна постапка. Со што тој директно изврши кривично дело, но откри и дека е во директна спрега со ЈО, или луѓе од истото кои спротивно на закон му даваат информации до кои дошле од истрагата“, објавува порталот „Курир“.

– Кога јавно обвинителство се обраќа до државните институции кои се под премиерот, како Фондот за здравство и министерство, ние знаеме дека се води истрага и логично е, чесно е, одговорно е, пред било кој инвеститор, па и ваков познат „Диаверум“ од Шведска, да ги знае информациите затоа што должност на државата е да ги каже сите информации ако сакаме да градиме кредибилитет, рејтинг и моќност на привлекување инвестиции. Тоа што сме го знаеле, сме го соопштиле и апсолутно тоа е исклучително чесно и навремено поставено како информација. Луѓето си анализираа си донесоа свои правни експерти, си донесоа одлука, рековме нека им е со среќа, но секако самата истрага не е затворена и тоа ќе има последици од делот на отворање на истрага до делот на затворање. Секако тоа е во надлежност на правосудните органи – рече премиерот Зоран Заев.

Со ова Заев документирано со видео и тонски запис кажа дека ЈО го брифира и спротивно на член 289 од Законот за кривична постапка некој во ЈО врши кривично дело за кое се одговара со казна затвор, пишува „Курир“.

https://youtu.be/8plbRGMg-Gs

Ова не е првпат Зоран Заев да одаде информации од истрага, претходно тој во изјава за медиуми кажа дека се водат истраги против функционери на власта, по што во негова втора изјава призна дека со своето дејствување тој ја спречил истрагата.

-Разрешени се, не постојат веќе на функциите, затоа што веројатно со мојата транспарентност и коментар блокирав одредени дејствија каде што земаа заштитни позиции и до крај не можеа да се комплетираат истрагите. Намерата беше да одат во затвор доколку се комплетираат постапките, но во најмала рака се разрешени, кажа Заев.