Подготвени сме на брзи и квалитетни реформи за европските перспективи на граѓаните и државата, изјавил во средата премиерот Зоран Заев во текот на средбата со амбасадорот на Република Франција во Р.Македонија, Кристиан Тимоние, информираа од службара за односи со јавноста на Владата.
На средбата било разговарано за приоритетите на новата влада, како и за отворањето на перспективите на Република Македонија на патот кон Европската унија и НАТО.
„Подготвени сме за брзо, квалитетно и ефикасно спроведување на клучните реформи што ќе обезбедат квалитетен живот за сите граѓани, а ќе ги осигураат и евро-атлантските интеграции на Македонија“, рекол Заев.
Претседателот на Владата, според соопштението, изразил очекување дека посветеноста на неговиот кабинет кон реформите ќе биде охрабрување за сите граѓани, за бизнис секторот во Македонија, за странските инвеститори, да вложуваат во Македонија со своите капацитети и со своето знаење, со што ќе придонесат кон развојот на економијата во Македонија.
На средбата била поздравена „поставеноста на премиерот кон инклузивни политики и транспарентност“, како европски демократски вредности.
„Стратешки определби на Република Македонија се Европската унија и НАТО и јас како премиер и новата Влада сме подготвени да работиме посветено и темелно на европската агенда којашто ќе го отвори патот за развој Република Македонија“, рекол Заев.
Притоа, премиерот најавил и развој на добрососедските односи со цел поттикнување на политиките на градење доверба и мостови и со тоа отворање перспективи за граѓаните и државите од целиот регион.