Премиерот Зоран Заев одговарајќи во саботата на новинаски прашања кои се однесуваа на тоа кои се функционерите кои ниту знаат, ниту пак се трудат ќе се разрешуваат и зошто за тоа да се чека десет месеци, како што најави во претходно во петокот, рече дека во следниот период ќе се рабиоти на зголемување на парламентарното мнозинство при што ќе биде направена раконструкција на Владата
„Јас ја испратив пораката за да може некој и да се поправи. Апсолутно ако некој заслужува смена веднаш тоа се прави. Без разлика дали е од пониските ешалони или од повисоките. Очекуваме секако да се случуваат и реконструкции и промени во соодветни временски периоди кога се прават рекапитулари од секој можен аспект. Огромен е бројот на луѓе во Владата кои и знаат и се трудат. Исто така, голем е бројот на луѓе во Владата коишто многу се трудат а не знаат, но се трудат и да научат. Има еден дел коишто ниту знаат, ниту се трудат. Јас апелирам до сите: ние сме сервис на граѓаните, поради тоа сме поставени, да се посветиме максимално на потребите на граѓаните. Ова коешто го имаме добиено од нив е чест и одговорност, којашто немал секој можност да ја добие. Од тој аспект навистина апелирам до сите, за навистина максимално и посветено извршување на своите задачи“, одговори Заев.
Додаде дека размислува и за реконструкција на владиниот кабинет, но и зголемување на бројот на пратениците во пратеничката група.
„Да, прво ќе има реконструкција, затоа што, пред сё ќе расте бројот на пратеници во пратеничката група. Разговараме со дополнителни пратеници. Мислам дека треба да овозможиме стабилизирање на парламентот, од повеќе аспекти. Јас се надевам дека и опозицијата ќе се врати брзо во парламентот, но и вкупниот број на пратеници од парламентарното мнозинство би требало да биде посоодветен, за да може да нема вакви прекини на сендиците, паузи, собирање на пратениците или слично. Верувам дека ќе успееме со тоа, а поради тоа ќе се случи секако и реконструкција“, рече премиерот Заев.
За очекувањата од посетата на претседателот на Европската комисија, Жан Клод Јункер Заев рече дека уште еднаш очекува охрабрување и сериозна мотивација за завршување на рефрмите.
„За нас тоа охрабрување, значи сериозна мотивација, да ги дозавршиме реформите согласно плановите 3-6-9, да ги продолжиме сите оние процеси на унапредување на севкупниот квалитет на животот на граѓаните, поради тоа што сме убедени дека Европа ќе ни даде датум за преговори само ако заслужуваме или ќе станеме членка на ЕУ само тогаш кога нашиот стандард на граѓаните ќе биде веќе приближно еднаков на стандардите на граѓаните на ЕУ“, рече Заев.
Додаде дека очекува прецизирање за терминот кога Македонија ќе добие неусловена препорака, но истовремено и охрабрување дека во јуни е можно да има датум за отпочнување на преговори, а со тоа и отворање на дополнителни европски фондови за Република Македонија.
Претседателот на Владата на прашањето дали ќе има зголемување на старосната граница за заминување во пензија истакна дека засега не размислуваат за промена.
„Мораме да го стабилизираме Пензискиот фонд. Државата од буџетот дава 500 милиони евра за да може пензионерите да земат пензија. Се додека работниците не почнат да го полнат пензискиот фонд, а не државата, тогаш ќе почнеме да размислуваме за менување на старосната граница за заминување во пензија, но кон нејзино намалување“, одговори Заев.