Заев: Не е во ред некој да оди во затвор за половина грам канабис, догодина легализација

Премиерот Зоран Заев денеска најави декриминализација и депенализација за користење за лична употреба на канабисот и рече дека Македонија идната година може да оствари над 250 милиони евра од произодство на канабис за медицински цели, ако парламентот усвои законски измени до крајот на годинава.

– Се надевам дека парламентот ќе ги надмине блокадите и ќе усвои измени на законите со цел за медицински цели да се прошири оваа дејност. Со измени на законите ќе се овозможи извоз на цвет од канабис за медицински цели, што пак, ќе поттикне нови инвестиции и отворање на работни места. Ако тоа го направиме до крајот на годината, за следната година очекуваме над 250 милиони евра од производството, што ќе значи развој на земјата и нови работни места – рече премиерот.

Во текот на идната година се планира да се прошири листата на болести за кои ќе биде дозолено лекување со произоди од канабис.

Заев смета дека се во право граѓанските активисти кога реагираат дека неправедно се казнуваат, дури и со затвор, лица кај кои ќе се пронајде половина грам марихуана за медицинска и лична употреба и затоа ја нагласи потребата од декриминализација и депенализација во оваа сфера.

– Се разбира, полицијата ќе продолжи со своите акции за откривање и казнување на производство и трговија со дрога, на МВР му честитам за досегашните акции – додаде Заев.