За премиерот Зоран Заев апсолуно не се прифатливи условите на ВМРО-ДПМНЕ за техничка влада со мандат од 100 дена, посебна комисија во парламентот за преиспитување на референдумскиот процес,како и нов јавен обвинител по предлог на опозицијата за да учествува на предвремени брзи избори.
Заев смета дека, бидејќи според Извршниот одбор на СДСМ, прва опција се разговори за уставни измени со пратеници на ВМРО- ДПМНЕ, нема зошто да има средба со Мицкоски.
Нема што да разговарам со Мицкоски. Во минатото дадовме карт-бланш за техничка влада. Ги прифативме барањата за финансирање на политичките партии, ја формиравме Државната изборна комисија со претседател од ВМРО-ДПМНЕ. За возврат апсолутно не сакаа ни да разговараат …. Да се бара комисија која ќе провери дали референдумот бил законски, дали имало законитост во неговото спроведување и слично во услови кога претседателот на ДИК е од ВМРО-ДПМНЕ, како и Управниот суд во кој нема сменето ниту еден член, само по себе кажува што всушност се сака со ваквите барања, изјави Заев.
Според него пратеничката група на СДСМ ќе се обиде да придобие пратеници од ВМРО-ДПМНЕ за двотретинско мнозинство за уставните измени согласно Договорот од Преспа. Ако тоа не успее, и тој лично ќе преговара со нив.
Некаде околу 10 октомври е некаков таргет кога треба да и соопштиме на јавноста кои се следните чекори. Се надевам дека ќе имаме можност да соопштиме дека е обезбедено потребното двотретинско мнозинство.,…но ако не се успее секако останува отворена можноста целата оваа ситуација да се решава преку вонредни парламентарни избори кои не ги посакувам, смета Заев.
Според него, и покрај одбиените барања на опозицијата, мали се шансите ВМРО-ДПМНЕ да ги бојкотира евентуалните предвремени избори.
Од друга страна, ставот на ВМРО-ДПМНЕ е дека пратеничката група е монолитна и дека нема пратеници кои би гласале за уставни измени, додека Извршниот комитет на партијата го прогласи Договорот од Преспа за мртво слово на хартија, а референдумскиот процес како криминален.