Заев не гледа пропуст на Каевски за објавувањето на спорните стихови, виновни се „старите структури“

Премиерот Зоран Заев на денешната средба со директорот на Агенцијата за млади и работи, Дарко Каевски, му посочил да биде побарана одговорност од сите учесници во печатењето на контроверзната книга „Млади поети“, но и да се спроведат јасни протоколи за грешката со книгата поезија никогаш да не повтори.

Премиерот го охрабрил директорот целосно да се расветли случајот со збирката контраверзната збирка „Млади поети“.

Како што информираше владината прес-служба на состанокот повторно бил осуден говорот на омраза и дискриминација кој е идентификуван во еден дел од содржината на збирката.

„За Владата на РМ, Македонија е отворено, слободно, едно општество за сите во кое нема место за таков тип недолична комуникација“, се наведува во соопштенеито.

Каевски пред премиерот ги презентирал првичните наоди од внатрешната анализа за печатењето на книгата „Млади поети“, но изостануваат информациите за какви сознанија станува збор.

И од она што претходно го изјави премиерот Заев, пак, јасно е дека тој вината за скандалот со објавувањето на стиховите кои се оценети како говор на омраза и дискриминација не ја гледа во партискиот кадар, односно Каевски туку во некои „стари структури“.

„Директорот вчера се извини како покровител и потпишувач на проект за млади поети. Тој навистина не е должен да чита сѐ што има во материјалот, ниту, пак, е должен да го провери целиот материјал. Јас како градоначалник имам помагано финанисирање на книги, и како комерцијален директор имам помагано во објавување книги. Не сум ги читал сите тие книги и детали и од таа причина не сум човек кој веднаш разрешува луѓе или слично“, изјави Заев пред средбата одговарајќи на новинарско прашање дали ќе го разреши Каевски.

Според него, директорот на Агенцијата за млади и спорт е „добар кадар, кој покажал добри резултати и добро ја води самата институција“.

„ Денеска ќе имам состанок, сакам да ги видам сите детали и од тој аспект заедно ќе донесеме одлука за оваа работа, но споделувам тоа што во моментов го чувствувам. Осудувам ваков вид на дискриминација на погани зборови што се испратени во јавноста“, додаде Заев.

Според него, институциите мораат да бидат внимателни, посочувајќи дека во мал дел од институциите е променета структурата.

„Функционираат стари комисии, раководителите на секторите и на одделенијата се стари, законите се бетонирани, не можете да поместите раководител без негов исказ. Тоа е тој што меѓу другото ги креира политиките внатре. Зборувам за сите институции, така што веднаш не треба да се бара одговорност, ако во суштина и во детали не постои таквата одговорност“, смета Заев.