Премиерот Зоран Заев денеска изјави дека не мисли оти е грешка потпишувањето на Договорот со Бугарија, туку смета дека тоа е исклучително исправно за државата да склучува договори, оценувајќи дека тоа е еден историски чин и придобивка. Неговите очекувања се дека идните политики во разумни периоди, надвор од изборни активности, ќе донесат решение, за што интерес имаат двта народи и двете земји.
– Не, не мислам дека е грешка, туку напротив мислам дека е исклучително исправно за државата да склучува договори, преку кои ќе бара решение со што ќе го гарантира европскиот пат на нашиот народ што е стратешка определба на сите, но стратешки интерес е на нашиот народ кој е исклучително пријателски народ да гради пријателства и да избегнува секаков вид на кавги. Нашиот македонски идентитет и македонски јазик никогаш не биле на маса на преговоори и разговори и никогаш нема да бидат. Никогаш. Затоа што тоа е наше право, самоопределување, наша европска вредност и право зад кое што стоиме и очекувам од бугарската страна да направи чисто признавање на македонскиот народ и на македонскиот јазик без какви било задршки, уцени и резерви затоа што пријателите токму тоа го прават, рече Заев во одговор на прашање на пратеникот Александар Николовски од ВМРО-ДПМНЕ дали смета дека е грешка потпишувањето на Договорот со Бугарија, во којшто е вклучен и членот 8, што се споменува како „ас“ за блокирање на Македонија.
Заев во одговорот беше дециден дека смета дека Договорот со Бугарија е историски чин и придобивка.
-Уште еднаш потврдувам не мислев тогаш, не мислам ни денеска дека е грешка договорот со Бугарија. Напротив мислам дека е историски чин, историска придобивка да постигнете договор со сосед, да подадете рака. До ден денеска тврдам дека формулацијата „заедничка историја“ помеѓу двата народи и двете држава е сериозна формулација на градење пријателство и европска иднина. Тоа е наша македонска историја и е бугарска историја, како што е нашата посебна историја, која ја имаме како македонски народ и целата наша земја. И апсолутно низ ваквите формулации можеме да градиме иднина, рече премиерот.
Според него, ако гледаме низ призмата на пријателството, со меѓусебно разбирање, дефинитивно ќе одиме напред, ако не ќе останеме изолирани како што бевме 12 години.
Во однос на историската комисија, Заев рече дека историските експерти се токму тие кои треба да бараат решение.
-Тие се доволно едуцирани. Кај нас се репрезенти, пред се, на Националниот институт за историја, врвни експерти кои немаат ни политичка профилација, најважна им е Македонија за која се залагаат и верувам дека ќе најдат начини да ги дефинираат сите оние предизвици кои се поставени на историската комисија. Историската комисија има записници за пет историски личности и три историски периоди, рече премиерот.
Изрази жалење што последната онлајн конференција, што се снимала, не бил успешен и се одржувал во предвечерието на изборите во Бугарија.
-Не успеаа да ги објават и да ги заклучат како материјали во учебниците во Македонија и во Бугарија. Жалам што тоа не се постигна понавремено за да биде една причина за охрабрување за Бугарија да не прави вакви катастрофални грешки, и ние секако не се откажуваме, рече Заев.
Одговарајќи на пратеничко прашање премиерот беше дециден дека ретроградни процеси за поништување на договори и на членови, апсолуто можат само да ја „укотват“ целата македонска јавност и сите граѓани повторно во балканското сивило без каква било мотивација, безнадежност и перспективност.
Заев рече дека се покажа дека сите шпекулации дека се продаваат интересите на државата не се точни, како и информациите дека компаниите на Заеви извезувале во Русија, дека биле вградени бизнис интереси.
-Ниту некој побарал такви работи, ниту некој дозволил такви работи. Секако и македонската и бугарската страна очекува да растат инвестициите во двете земји, рече премиерот и изрази задоволство што се најавуваат сериозни инвестиции од Франција, но и од други земји како Германија, на пример.