
Таман си помисливме дека кај нашите политичари почнала да работи доблеста со оставката на Зоран Заев од премиерската позиција и од претседател на СДСМ по убедливиот пораз на локалните избори, многу брзо сме демантирани.
Уште наредниот ден почнаа молбите и творбите да не се повлекува од позицијата и дека тоа е изјава дадена под емоции од резултатите на локалните избори.
На социјалните мрежи, пак, упорно се постира постизборен плакат, на кој го молат херојот Заев, да не дава оставка.
При образложението на својата оставка не кажа дека е неотповиклива, па се вклучија и сценарија за изигрување на неговата оставка, односно мнозинството во Собранието да му каже „не“ на премиерот и да побара трета сесија со Заев.
Но ваквите калкулации не се во колизија со законодавецот, кој вели дека откако Заев ќе ја депонира оставката пратениците само ја констатираат, нема простор ниту за калкулации, ниту за дополнително срамотење на СДСМ, во случај некој да се дрзне да бара враќање на премиерот.
– Јас од името на СДСМ им честитам на нашите опоненти на овие локални избори и ја преземам одговорноста на, поднесувам оставка од премиер и од претседател на СДСМ. Јас ја преземам одговорноста за лошите резултати на овие избори. Останувам на ставот дека не треба вонредни парламентарни избори. Ќе останам периодов додека треба за да помогнам за да се реорганизира нова Влада со прогресивно мнозинство кое го има и постои, а може да биде и уште зголемено. Господ да ни го чува народот и Северна Македонија. Ми беше огромна чест што можев да ви служам, мој народе, изјави Заев во недела вечерта по дебаклот на локалните избори.
Се обиде коалицискиот партнер Али Ахмети да ја смири топката и да го премисли Заев, така што разговорот и бил на повисок тон.
– Вчера имавме мошне тензичен разговор со Заев, дека не се согласувам со таквото движење, со неговата оставка од партијата и претседател на Владата. И денес повторно разговарав со Заев, му реков дека не можеме да направиме компромис за големи работи, за тој да се повлече. Да се разгледа во неговата партија оваа одлука која според мое мислење е забрзана и неоснована, изјави Ахмети за ТВ21.
Наредниот ден со слични изјави и барања излегоа и останатите членови на коалицијата.
Испаѓа дека Заев не може ниту оставка да си поднесе без некој да го командува.
Кои си причините што многумина не го сакаат неговото заминување од премиерската функција?
Една од причините за негово останување е барањето на бизнисмени со кои имал деловни врски. Нивните претпоставки се дека со неговото заминување ќе и пропаднат „златните зделки“, бидејќи новите функционери ќе бараат нови партнери или поголем дел од колачот. Но, и тоа дека многу вложиле во него и дека ова е изигрување.
Освен бизнисмените блиски до Заев и СДСМ, за повлекување на оставката притискаат и криминалните структури кои се плашеле за себе, повеќе од овие структури беа вклучени во изборниот процес, но и во матни зделки, како онаа со цветови од марихуана, кога два тона од Јосифово по пат исчезнаа.
Стравот го брани лозјето, па така и криминалците бараат негово останување, бидејќи некој друг може сериозно ќе се зафати со работи и може да расчисти со многумина од овие структури.
– Не е воопшто тешко заминувањето од политиката, тешка е помислата од одлуката на нашиот народ. Јас сум недвојбено убеден дека заедно со прогресивното граѓанство сум донел слобода и демократија во земјава наша, а кога е слобода и демократија правилото е дека треба да има и преземање одговорност. Низ преземањето на таа одговорност сакам да оставам печат за да се учи народот и да расте во својот демократски капацитет, но и во својата граѓанска должност да води грижа за својата земја. Можеби не сум во право, ќе покаже времето, но според мене ред е граѓаните да поддржуваат политичари кои имаат храброст да носат тешки, но историски важни одлуки за добра иднина на својот народ и државата, без притоа тие политичари да се водат од својот политички рејтинг или да водат грижа за својата политичка фотелја“, рече Заев во еден дел од образложението за оставката.
Каде е слободата за донесување на сопствени одлуки, кога тој што ги донел не може да си даде оставка, туку чека некој друг да му го каже тоа?
Дали поднесувањето оставка ќе се претвори во циркус со најспектакуларната точка – пишманаџија!?