
Од денеска почнува нова ера на соработка во регионот. Се поврзуваме за развој на нашите економии, со јасна и отворена намера секој граѓанин час поскоро да почувствува директни придобивки од олеснувањата кои ги обезбедуваме. Самостојно покажуваме политичко лидерство и грижа за унапредување на соработката, за која овој пат имаме и конкретна акциска програма. Убеден сум дека тоа ќе биде препознаено од Брисел и Вашингтон, рече премиерот Зоран Заев во воведното обраќање на Регионалниот економски форум „Поврзан Балкан“ што се одржува во Скопје.
– Ние сме отворени за сите иницијативи кои одат во насока да ja зајакнат регионалната соработка и што го забрзуваат процесот на интеграција во ЕУ на сите земји од Западен Балкан. Да ја направиме визијата за заеднички политички и економски простор на Западен Балкан реалност со конкретни придобивки за сите наши граѓани. Да направиме да стане важен дел од секојдневниот живот на нашите граѓани преку единствениот пазар – рече Заев.
Тој се осврна и на ЕУ, нагласувајќи дека нејзиниот неуспех да ги исполни ветувања за отворање на првата меѓувладина конференција со Албанија и со Македонија, е против европската идеја, против интересите на самата ЕУ и спротивна на определбата за членство во Европската Унија на овие две земји кои ги исполнија сите критериуми за тоа.
– Но, ние не можеме да чекаме сите внатрешни проблеми на Европската Унија да се решат за да одиме напред. Ние сме тука и тогаш кога Европската Унија ќе биде подготвена, ние сме тука – веќе подготвени, со веќе обезбедени олеснувања за нашите граѓани и со веќе развиени економски иницијативи. За нив ќе зборуваме и денес, па се надевам дека ЕУ ќе најде начин да обезбеди и финансирање за истите, особено што голем дел од нив се дел од зелената агенда – рече Заев.
Премиерот сепак истакна дека денеска не е тука за да зборува за ЕУ.
– Сите заедно му даваме нов импулс на заедничкиот економски простор, на поврзаниот регионален пазар. Заедничкиот регионален пазар е мотивација за да се поттикнат нови регионални иницијативи насочени кон приближување и за интегрирање со пазарот на ЕУ. За сите нас е несомнено јасно дека само со интегриран и поврзан регион може да се движиме постојано кон нашата основна цел – членство во ЕУ. Бидејќи ние не можеме да бидеме ништо друго освен земји од европскиот Балкан – рече Заев.
Премиерот ги повтори веќе искажаните заложби за т.н. четири слободи – слобода на движење на луѓе, добра, капитал и услуги.
– Го слушаме и го прифаќаме и повикот на деловните луѓе од регионот – „помалку историја – повеќе економија“, за доброто и за иднината на граѓаните. Нашата цел за интегриран регионален пазар носи дополнителен раст на БДП во регионот, бидејќи поврзани сме посилни. Тоа го го прави Западен Балкан попривлечен, поконкурентен и поблиску до пазарите на ЕУ, -истакна Заев.