Заев не остана на зборот дека нема да прифати промена на Уставот

Од тврдења дека нема да прифати промена на Уставот, до прифаќање на сè што Грција бара, вклучително и јавно признание дека ерга омнес е прифатлива опција.  „Не гледам потреба за промена на Уставот“, изјави премиерот Зоран Заев во февруари годинава. Нешто повеќе од три месеци подоцна, македонскиот премиер информира дека промена на македонскиот устав ќе има и дека ќе се смени уставното име на Република Македонија.

 Барањето за промената на Уставот во разговорите за името се грчки став, но ние имаме наш. Македонија го промени својот Устав во 1993 година да го допрецизира членот 49 вградувајќи го амандманот 2. Ние направивме голем чекор за да го отстраниме иредентизмот, рече тогаш Заев.

Доколку се земе во предвид историјатот на изјавите на Заев дадени околу ова прашање, тогаш неговите променливи ставови стануваат уште поевидентни. Во 2013-тата година при посетата на Струга, Заев ќе изјави дека „Социјалдемократскиот сојуз нема да дозволи промена на името на Република Македонија, доколку задира во нашиот идентитет и национална посебност“.

Имиња пред Република Македонија или какви било други формулации се за разгледување, но без притоа да се чепне Уставот на државата, мојот национален јазик, мојата национална посебност, мојата култура како Македонец, изјави  тогаш Заев.

Изјавата која тогаш ја даде воопшто не наликува на она кое тој го прави денес. Денес, Заев во улога на премиер прифаќа сложено ерга омнес име за севкупна употреба и промена на македонскиот устав, што автоматски значи и промена на идентитетот на македонскиот народ.

Во април годинава,  Заев во интервјуто за Радио Слободна Европа (РСЕ) најави промена на Уставот и референдум за името со влезот на Македонија во ЕУ. Ваквите ставови на Заев се целосно спротивни со неговите претходни тврдења дека промена на Уставот не е потребен, а секое евентуално решение ќе биде ставено на референдум за граѓаните да се изјаснат.

Можеби конечното решение ќе биде врзано со гласањето на Македонија, како граѓани, со давањето на нашиот суверенитет на ЕУ, во која сакаме да бидеме членка и тогаш се отвара и Уставот, можеби и тука е решението, поради тоа што знаете дека Грција бара и промена на Уставот, заради промената на уставното име. Јас сум убеден дека креативноста ќе ги изнајде овие решенија, рече Заев во интервјуто за РСЕ.

Наспроти ова, Заев многу пати досега во јавноста тврдеше дека промената на Уставот не е неопходна, односно во спорот со Грција нема потреба од менување на Уставот. „Не гледам потреба за промена на Уставот“, изјави Заев во февруари годинава, одговорајќи на новинарско прашање дали во процесот на решавање на прашањето за името се разговара и за евентуални уставни измени.

 

Заев во 2016: Се нема родено таков човек кој би го променил Уставот

Пред парламентарните избори во 2016-та година, Заев посочи дека СДСМ ако формира влада ќе ги задржи црвените линии од кои нема отстапување, а истите биле посочени и одржувани и низ изминатите години.

„Треба да биде јасно и постојано да се потенцира. СДСМ ќе ги одржува црвените линии за Република Македонија и тоа значи дека нема промена на уставното име, идентитетот и самиот Устав. Никој не може во Македонија, мислам дека се нема ни родено таков човек што би дозволил промена на Уставот и промена на нашиот идентитет“, рече Заев.

Пападимулис: Заев прифати ерга омнес

Блиску сме до решение за името Скопје, бидејќи Владата на Заев прифати ерга омнес- користење на новото име на државата за внатрешна на и надворешна употреба, изјави во емисија за грчка ЕРТ1 потпретседателот на Европскиот Парламент и шеф на еврогрупата на СИРИЗА, Димитрис Пападимулис, пренесува грчкиот онлајн- весник „Анатрофи Њуз“.

Пападимулис вели: „Откако Македонската Влада се согласи на тоа, патот за решение ќе се исполни преку меѓународен договор со кој ќе се зацврстат промените на Уставот на Македонија.“

Климата за таканаречен позитивен тек во преговорите шефот на еврогрупата на СИРИЗА Пападимулис ја потврди со изјавата дека „ПЈРМ треба да го отвори својот Устав пред да се приклучи на Европската Унија.“

Европратеникот Кукан: Најтешкиот дел не е името, туку Уставот, јазикот, културата, сите тие работи

Европратеникот од демохристијанската група ЕПП, Едуард Кукан за МИА вели дека политичарите прво треба да ја подготват јавноста пред да го објават договорот за името, во кој најтешките делови не се името само по себе, јави дописничката на МИА во Брисел.

-Грешка беше да се биде толку оптимист. Мислам дека не е доволно политичарите да постигнат договор. Пред да го најават треба да го подготват народот за тоа. М мислам дека ја научија лекцијата последниот пат со Илинденска Македонија. Не верувам дека најтешкиот дел е името, туку како ќе стои во Уставот, јазикот, културата, сите тие работи. Можеби е техничко потешко, така што кога сите тие прашања ќе се решат, политичарите треба тоа позитивно да и го продадат на јавноста и само тогаш името ќе биде официјално објавено, изјави Кукан за МИА.

Цуцуловски: Ако потпишеме промена на името во меѓународен акт ќе следи и промена на Уставот

Доколку ние потпишеме некаков меѓународен акт, дали ќе биде билатерален или незнам каков, веќе во тој случај, штом се промени името во некој меѓународен акт, логично следи промена на Уставот истакна професорот Љубомир Цуцуловски во емисијата „Ѕид“ на Алфа ТВ.

Тој додаде дека не е возможно во меѓународниот акт да стои име на Македонија со додавки а во Уставот да пишува само Република Македонија.

Според Цуцуловски доколку некој од него бара да си го промени сопственото името е директен  атак врз неговиот идентитет, достоинство, автономија и чувство на самоприпадност.

-Не е проблем дали некој ќе ми се обраќа со Љубомир или со Љупчо и така танаму. Но ако од мене бара јас самиот да се нарекувам Љупче или Љупченце, тогаш тоа веќе навлегува директно не само во мојот идентитет, туку во моето достоинство и во мојата автономија и во моето чувство на самоприпадност, нагласи Цуцуловски.