Заев не сакаше да даде изјава за спорот со Грција

Откако вчера не се појави на средбата со граѓанскиот сектор, премиерот Зоран Заев денеска избегна да даде изјава по обраќањето во рамките на проектот ,,Предизвик за млади истражувачи”, со образложение дека не сака да го засени настанот, посветен на децата.

Денеска единствено со став се огласија од Владиниот кабинет, демантирајќи ги медиумиските написи на српскиот интернет портал Курир, кој објави дека преговорите помеѓу Македонија и Грција пропаднале. Владата на Република Македонија останува посветена на изнаоѓање решение кое го штити и зајакнува достоинството и идентитетот на граѓаните на РМ. Шпекулациите во овие сензитивни моменти не можат да придонесат оваа стратешка цел од национален интерес, велат од македонската влада во врска со шпекулациите пласирани од регионални медиуми.

Најаважно е, како што посочуваат од Владата, да се постигне квалитетно и заемно прифатливо решение кое ќе биде одржливо. Изграденото пријателство меѓу двете држави е голем влог за заедничката иднина, а соработката во иднина само ќе се зголемува. Владата на РМ останува силно посветена на остварување на стратешките цели, членството во ЕУ и НАТО,  а јасно е дека за нивна реализација неопходно е да се надмине проблемот што Грција го има со нашето уставно име, велат од Владата.

Српскиот интернет портал Курир синоќа објави дека ексклузивно дознава оти преговорите пропаднале зашто Грчката страна барала новото име да не го содржи името Македонија.