Нормален референдум, онаков каков што би требало да има, на којшто граѓаните треба да се искажат по однос на своето мислење за промената на името на Република Македонија, нема да има, изјави меѓу другото во средата вечерта потпретседателот на ВМРО–ДПМНЕ, Александар Николоски, во текот на гостувањето во емисијата „60 минути“ на „Алфа“ телевизија и истакна дека премиерот Зоран Заев ва ниту еден начин не создава атмосфера за успешен референдум за Договорот за името со Грција.
„Или воопшто нема да има референдум или ќе има референдум којшто ќе е изманипулиран. Велам дека нема да има референдум од неколку причини. Прво Заев на ниеден начин не створи атмосфера за успешен референдум. Иако вчера најави дека ќе има, ќе видиме“, рече Николоски.
Своите процени ги аргументираше посочувајќи дека Заев најавуваше и дека нема да има промена на Уставот на Македонија, па сепак оти тоа е содржано како еден од главните услови во споменатиот договор.
„Второ, заедно со (министерот за надворешни работи, Никола) Димитров потпишаа исклучително лош, да не речам, катастрофален договор со Грција. Јас претходно реков: да не преговарале, веројатно ќе добиеја подобар одговор. Третата работа, ако внимателно се чита договорот, особено членот 1.11, во него има една вешто изработена формулација, којашто очигледно ја работеле врвни експерти по меѓународно право, која ели дека договорот стапува во сила по ратификацијата во Собранието на втората страна, како што за жал официјално сме наречени во тој договор, или по одржан референдум доколку втората страна одлучи да го одржи“, вели Николовски додавајќи дека токму тоа „или“ значи дека државата не е обврзана да спроведе референдум.
Според Николоски, во овој договор има доволно правен простор да не се одржи референдум, а договорот сепак да мине.