
Премиерот Зоран Заев во интервју на Канал 5 вечерва изјави дека нема да има воведување нови карантини поради пандемијата од ковид-19 за да не дојде до уништувње на економијата.
– Ако ме прашувате дали ќе има карантини, одговорот е „не“, нема да ја уништуваме економијата – рече Заев.
Тој објасни дека засега се размислува пред се како да ги наградат здравствените работници, кои беа во првите редови на здравствената криза.
– Имаме доволно болнички капацитети, им симнувам капа на здравствените работници и на Комисијата за заразни болести – рече Заев и повика граѓаните да ги почитуваат пропишаните мерки за заштита и да внимаваат при организирње прослави и свадби.
Тој одговараше и на прашање за македонско бугарските односи.
– Прашањето за Гоце Делчев е за решавање во рамки на Комисијата, а не е на политиката. Сакаме ова прашање да го реши Комисијата, како што најде добри решенија за Свети Кирил и Методиј, Свети Наум, Климент Охридски и цар Самоил, да го реши и ова во духот на таа заедничка историја, заради заедничко славење. Верувам дека ќе го најдат решението и за Гоце Делчев, наше е да охрабриме – рече Заев и нагласи дека договорот со Бугарија треба да обединува, да прави мостови на пријателство и ниедна страна да не се обидува да присвојува нешто.
Тој истакна дека е многу важен пријателскиот договор склучен со Бугарија и нагласи дека од неговиот бугарски колега, премиерот Бојко Борисов нема никаква закана ниту коментар кон Северна Македонија.