Заев нуди „помирување за 27-ми април“ за пратeниците да се обединат за ЕУ и НАТО

Помирување за настаните од 27-ми април, понуди во понеделникот премиерот Зоран Заев, без директно да ја спомене амнестијата за обвинетите за споменатите лански безредија, за, како што рече, да се обединат двете страни, на почетокот од 61-та седница на Собранието на Република Македонија ја на која на дневен ред e Предлогот за пристапување кон измена на Уставот на Република Македонија со насоки за негово изменување и дополнување поднесен од Владата.

„Десната страна нека понуди рака на левата страна во Собранието. Дајте да се помириме за 27 април. Јас сум подготвен за ова да платам политичка цена. Нема иднина ако ние сами не си простиме. Оваа одлука ја очекуваат сите граѓани на Македонија. Да и покажеме на Европа дека имаме заеднички интерес“, кажа Заев

Ги повика пратениците оние кои се уште се двоумат да изберат ЕУ и НАТО, наместо изолацијата.

„Сите знаеме дека единствениот пат за Македонија е во ЕУ и НАТО, сите знаеме дека оваа шанса не смее да ја пропуштиме. Таа е во согласност со одлуката на народот кој сака членство во ЕУ и НАТО“, кажа Заев кој додаде дека ова е единствениот пат за мир, стабилност и економски просперитет.

Според него, нивната историска улога и одлука ја очекуваат сите граѓани и сите во светот. Владата е подготвена да биде максимално подготвена за прифаќање на амандмани, но да бидат во духот на договорот од Преспа.