-0.2 C
Skopje
вторник, ноември 19, 2024

Заев паѓа зошто не работи, а многу лаже

Каква е реалноста денес? Нема човек во државава кој не е пренатрупан со проблеми. Во нашите разговори за обнова, слушнав живи сведоштва за маката на нашиот народ. Ќе запаметам дека Трајче од Битола го избркале од работа зошто им рекол дека Заев го лаже народот за името. Дека на Сиљан од истиот град му заминало и последното чедо во туѓина зошто тука живот нема. И сега живее сам со својата сопруга во куќа градена со децении, сега празна, како што е неговото секојдневие. Митре од Струмица се пожали дека во земјоделието никогаш не било полошо, вели ние сме последните борци кои веројатно ќе признаеме пораз дека од земја повеќе не се живее, зошто трудот не е платен, а субвенциите каснат. Го паметам и проблемот на Жаклина од Ресен која ми рече дека платите каснат и по 4 месеци, и едвај го прехранува своето многудетно семејство. Димитар од Карпош вели пензиите не мрднаа од мртвата точка, а животот е се поскап. Тука ја пак ја видов Гордана која две години е без работа иако завршила Правен Факултет со просек над 9. Можеби таа не е подобна за власта, ама за Англија е подобна каде планира да се асистира во една од најголемите адвокатски канцеларии. Проблеми до проблеми, а нашиот народ се посиромашен и несреќен. И оваа мака никој од власта не ја слуша, зошто власта пак има друга мака, тие се посветени како да украдат повеќе. Таквото однесување државава ја однесе во ќорсокак. Толку темен и голем што веќе оваа влада не може да понуди иднина, па макар и розова, лажна, нестварна. Не може затоа што со недобивањето на датумот за преговори со ЕУ, им се одзема и последната тема, последната причина Заев да биде премиер, ова денеска од Прилеп на Денот на македонската револуционерна борба го истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

-Заев паѓа, и не треба да се слушнат само анкетите кои велат 100 илјади гласа разлика во корист на опозицијата, туку треба да се слушне народот кој овој пат, на 12-ти ќе го извади црвениот картон и ќе свири крај на владата со најкраток и нај неславен мандат во историјата на независна Македонија. Заев паѓа затоа што го издаде и не го следи Гоце Делчев. Заев паѓа затоа што нема труд и постојанство! Заев паѓа зошто не работи, а многу лаже. Заев паѓа зошто го подели народот и донесе омраза. Наместо 3 години на реформи тој посвети три години на прогон кон опозицијата, патриотите, новинарите, бизнисмените кои ги рекетираат. Само под оваа власт, новинарите се гонат зошто пишуваат за криминалците, а тие седат во скутот на власта. Медиумите се делат на провладини, и опозициски, а за оној кој Заев вели дека е провладин, газдата правеше рекет со Обвинителката која првиот човек на владата иако знаел дека рекетира ја предлагаше за унапредување во државен јавен обвинител. Заев паѓа затоа што приведува, испрашува и истражува новинари кои се дрзнале да говорат за неговите криминалии. Заев паѓа зошто тргуваше со Македонија. Зошто  го даде она што на сите ни е свето, но за возрат не се доби ништо. Заев паѓа зошто смени име и идентитет без да го слушне народот, вели Мицкоски.

Тој додава дека Заев паѓа зошто криминалот е голем и тој извира од врвот на власта. Зошто во Македонија имате СЈО кое рекетира, Рускоска која обвинува и Кацарска која суди, а на крајот е Јовевски кој е тука да заштити. Сваровски судството се замени со Луј Витон судството чија цел наместо правда се куфери полни со милиони во џебовите на политичарите на власта.

-Заев паѓа зошто нема правда, ама нема ниту мир. За три години ниту еден криминалец не е зад решетки. А има и такви кои ги пуштаат на слобода, да им завршат по некоја работа и за да ги пофалат. Затоа што нема друг премиер во Европа кој фатен на снимка како бара поткуп си се самоамнестираше кога стана премиер. Ама кога лепи раката ќе продолжи да лепи, па потоа го видовме дека нуди мито и за Вартоломеј.  И нема правда не зошто СЈО сега стана непосакувано чедо, туку затоа што тие го криминализираа и стана алатка на Власта за изнуда. Болната реалност е зошто премиерот направи пакт и стана промотор на криминалот. Заев и оваа влада паѓаат зошто ги измамија земјоделците. Здравството го уништија, образованието го достигна дното. Пензионерите немаат пари ниту за лекови, а младите ги празнат градовите одејќи и барајќи посреќен живот надвор од земјата. Заев паѓа зошто излажа и за платите на докторите, за просечната плата на работниците. За чистиот воздух кој никогаш не дојде. За Гоогл, Фејсбук, Санос и Вослфаген кој никогаш не се случија. За жицата која ја скина…за раните кои ги отвори… Смилковско, нерасветлените убиства, несигурноста, рече Мицкоски.