Посетата на секретарот за одбрана на САД, Џејмс Матис е уште една потврда за охрабрувањето и афирмирањето на нашето стратешко партнерство и е силен поттик за исправноста на политиките што Република Македонија ги презема на планот на дијалогот, толеранцијата, рече во понеделникот македонскиот премиер Зоран Заев на заедничката прес-конференцја со американскиот министер за одбрана во Владата.
Истакна дека ова е уште еден свечен ден за Македонија поради посетата на висок американски функционер. Заев рече дека Матис доаѓа во исклучително важен период кога граѓаните на Република Македонија се подготвуваат на референдумот да го дадат својот глас за прифаќање на договорот со Грција, а со тоа и за нашето членство во НАТО и ЕУ.
„Во духот на иднината водиме политики за обезбедување на политичките фактори за ова прашање. Повикуваме на единство кога станува збор за остварување на стратешките цели на граѓаните на нашата земја а тоа се членството во НАТО и ЕУ. За Република Македонија членството во НАТО и ЕУ нема алтернатива“, рече Заев.
Зборувајќи за придобивките, Заев рече дека земјите од Западен Балкан интегрирани во евро-атланското семејство се гаранција за стабилна превенција од „инволвирање на трети страни овде во регионот“.
„Постојано ги охрабруваме лидерите во регионот да се обединат за остварување на заедничките цели, одржлив мир, регионална соработка, економски развој и интеграција во евро-атланското семејство на народите. Така се создава нова балканска иднина“, рече Заев.
Министерката за одрана Радмила Шеќеринска истакна дека посетата на Матис е прва посета на американски секретар за одбрана по 14 години и тоа е доказ за личната заложба на секретарот Матис за членството на Македонија во НАТО.
„Порака со поддршка добивме и во мај годинава во Вашингтон. Таа поддршка беше јавна, јасна и поткрепена со дела. Тоа беше силен поттик за нас да продолжиме со политичките и одбранбените реформи. Нашите граѓани со својот глас ќе постават нов тон во регионот и Република Македонија ќе биде на чело на тоа ново балканско поглавје“, рече Шеќеринска.
Секретарот за одбрана на САД Џејмс Матис утрово пристигна на скопскиот аеродром а беше пречекан од министерката за одбрана на Република Македонија, Радмила Шеќеринска и американскиот амбасадор во Македонија, Џес Бејли.