![zaev](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2021/07/zaev.jpg?resize=696%2C399&ssl=1)
Премиерот и претседател на СДСМ Зоран Заев денеска во видео обраќање ги повика граѓаните да гласаат в недела на 31 октомври, на вториот круг од локалните избори.
– Во недела гласаме. Во недела носиме одлука – ќе продолжиме напред со научените лекции или ќе дозволиме со земјата и со градовите да завладеат неизвесност и опасност? Во недела правиме избор помеѓу искрени политичари, кои не се безгрешни секако, но народни и отворени, или пак, оние другите, политичари без став, со скриени агенди, бранители на криминалот, политичари со кои не знаеш на што си, опасни за државата. Еве ме пред вас. Без оправданија, без изговори и без тајни планови. Искрено, бидејќи јас и не можам поинаку. Некои велат дека искреноста била мојата слабост, други ќе се насмеат на некој гаф од јавните настапи, но јас сум тој, Зоран Заев, еден од вас, еден од народот. Па, не си божество ако си премиер. Заврши времето кога на големците не можеше името да им се спомне. Летаа одмазди и закани на сите страни. Но да знаете, додека сум јас тука – тоа нема да се повтори. Премиерот е и ќе продолжи да биде прв меѓу еднаквите, ништо повеќе. А, таков мора да биде и градоначалникот. Ете за тоа гласаме во недела. Затоа треба да излеземе сите и да заокружиме какви и кои политичари ќе ги водат градовите, а со тоа и државата. Искрени и приземјени или недопирливи манипулатори?
Многу повеќе грижа и многу повеќе ефикасност во служењето кон граѓаните. Тоа е промената која ја внесуваме и во централната, и во локалната власт и внатре во СДСМ како партија. Станува збор за сериозна промена во односот и испораката на услуги од страна на институциите, од функционерите и од администрацијата – до вас, граѓаните, до сите вие кои со вашите одлуки го задавате правецот и на општините и на државата – рече Заев.
Тој се осврна на пораката од граѓаните во резултатот од првиот круг на изборите и рече дека била прифатена.
– Вие ни кажавте, јасно и гласно, ние слушнавме, уважуваме и постапуваме. Го забрзуваме државниот апарат за да служи повеќе и подобро на народот. Секој да добие одговор, секој да си заврши работа, на време, квалитетно и со добар однос, бидејќи тоа му следува на секого. Тоа е промената во која се вложивме сите. И за оваа промена стојам пред вас и барам да ја поддржите опцијата која ве слуша и која постапува согласно вашиот глас и став. Ние движиме напред заедно со луѓето. И при тоа даваме помош и поддршка за луѓето. Особено за социјално загрозените, за послабите и беспомошните во општеството. Оваа Влада соработува со бизнисот, но не е другар на олигарсите. Ова е Влада која е партнер, силна поткрепа на обичниот граѓанин. Ги зголемуваме платите со досега невидено темпо од осамостојувањето на државата. И тоа ќе остане главен наш белег: постојаниот раст на платите и пензиите, во секоја година од владеењето. А цената на струјата не мрдна цели четири години. И ќе направиме сѐ, цената ќе остане стабилна. Постојано насочуваме пари кај граѓаните. Од враќање ДДВ преку фискалните до намалување на судски такси и извршителски такси. Ги помогнавме локалните самоуправи и ги извадивме од децениски долгови. Оваа Влада се грижи и ќе продолжи да се грижи за секој еден граѓанин, искрено и доследно – рече тој.
Заев повика да се направи споредба на изминатите четири години со оние 11 пред тоа и потоа да се донесе одлука.
– Дали да талкаме неодлучно, де на исток, де на запад, пола чекор напред, три чекори назад? Дали сакаме несигурност, без стратешки партнери и меѓународни пријателства? Дали сме за нови конфликти, за кавги, за граѓани од прв или втор ред? Ако го имате одговорот на овие прашања, тогаш носете одлука. Македонски народе, длабоко сум уверен дека модерниот патриотизам во 21 век не значи измислување нови идентитети, градење лажни митови и бели палати. Современиот патриотизам значи поглед напред, јасна визија, одлучност, цврст став, градење мостови, создавање стратешки партнерства и реализирање на сонот на генерациите пред нас. НАТО е реалност, ЕУ интеграцијата ни е на дофат ако останеме на прогресивниот автопат кој води до демократски и европски стандарди и вредности. Македонскиот идентитет е признаен, верификуван и бетониран како никогаш претходно. Бадијала ве плашат! Клучните историски факти за македонската нација нема да бидат предмет на политичка ревизија. Нацијата никогаш не ни била поцврста и попризната. Ние бараме и наоѓаме решенија на децениските проблеми, но на принципиелна основа и согласно европските фундаментални принципи. Нашето право на самоопределување никој не може и не смее да го оспорува. Затоа, бидете горди Македонци, имате добри сограѓани, ваши, наши, другари и браќа Албанци, Турци, Срби, Роми, Бошњаци, Власи и сите други. Ова е моментот кога треба да се обединиме и да погледнеме напред, заради сегашните и генерациите кои доаѓаат. Излезете и потврдете ја шансата за нашата земја да продолжи да се нормализира, да се стабилизира и никогаш повеќе да не падне под режим! Никако назад! Заокружете го бројот 12! – повика тој.