Заев повикува на борба со криминалот, а обвинителката Рускоска е на одмор

Повикот на премиерот Зоран Заев за бескомпромисна борба со криманалот и корупцијата и куражењето до Обвинителството да ја продолжи таа борба, во јавноста беше пречакана со немалку чудење, бидејќи се совпаѓа со тајмингот кога обвинителите и судиите се на колективен годишен одмор.

„Ова е време во кое правдата стапува на сцена, време во кое не смее да има штедење во борбата против криминалот и корупцијата. Никој не е привилегиран и никој нема да биде амнестиран. Го охрабруваме Јавното обвинителство да продолжи, до последно во оваа борба, без разлика до кого ќе стигне низ истрагата…“, рече Заев.

Всушност, ова е веројатно и очекуван чекор за ПР стратезите околу премиерот, бидејќи на видео-обраќањето на Заев, претходеше јасна порака на американскиот заменик–помошник државен секретар Метју Палмер, во која се нотираше дека пристапните преговори на земјава со ЕУ, ќе зависат и од исходот на истрагата за случајот „Рекет“ која треба да открие дали во изнудата на Боки 13 е вмешана и шефицата на СЈО, Катица Јанева.

Но, самиот повик за борба против криминалот што вклучува и расчистување на скандалот со случајот „Рекет“ во себе содржи и доза на иронија, бидејќи шефицата на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, Вилма Русковска, што го води овој случај е на годишен одмор, заедно со својот тим. Па, токму поради тоа, следниве неколку недели, не треба да се очекуваат нови моменти во истрагата за „Рекет“, случај кој предизвика многу контроверзии, полемики но и голем револт во јавноста.

„Октоподот не мирува, мирува само Русковска – обвинителството. Додека одмораат истовремено со Катица Јанева, октоподот и таканаречената невладина на владата за скандалот „Рекет“ каде членуваат половина СДСМ имаат можност слободно да уништуваат евентуални докази и да влијаат врз евентуални сведоци“, изјавија од опозициската  ВМРО – ДПМНЕ.

Претседателот на Хелсиншкиот комитет, професорот Гордан Калајџиев, во интервју за Алсат, вели дека во случајот „Рекет“, извршителите, поттикнувачите, помагачите се споредни ликови и тие не егзистираат без главниот лик, и тој прво мора да биде уапсен.

„Тие што ги корумпирале обвинителите се во притвор, а обвинителката си работи, си брка работа. Извршители, поттикнувачи, помагачи тоа се споредни ликови и тие не егзистираат без главниот лик. Значи мора да е тој што ја злоупотребил положбата во центарот, па после другите да се апсат“, вели Кајалџиев

Освен Рускоска и нејзиниот тим, до средина на август на одмор ќе биде и Катица Јанева, шефица на СЈО, чие име се поврзува во случајот „Рекет“, но таа сё уште не е дел од истрагата. Јанева на прес конференција негираше вмешаност во „Рекет“ и посочи дека Боки 13 го злоупотребил нејзиното име.

Но, обвинителството кратко пред да оди на колективен годишен одмор, информираше дека пронајдениот телефон на Јанева, кај сестрата на девојката на нејзиниот син, а за кој таа тврдела дека е изгубен, бил форматира. А, со тоа се отвори и ново прашање за евентуално уништување на докази кои би биле важни за истрагата.

 

 

 

 

 

 

Иако сё уште има многу нејаснотии, недостигаат детали и докази за тоа кој и како уценувал во случајот Рекет, со почетокот на август обвинителите оставија се и си отидоа на одмор. Заедно со нив на одмор одат и сите предмети, меѓу кои и предметот „Рекет“ кој е во рацете на обвинителката Вилма Рускоска.

Обвинителите се на одмор а на одмор е и Катица Јанева. По одморите, обвинителството за организиран криминал треба да открие зошто Јанева избришала сё од телефонот за кој тврдеше дека го изгубила и дали се обидела да скрие нешто од Вилма Рускоска. Опозицијата и денеска побара да се истражи можна вмешаност во „Рекет“ на функционери на СДСМ.

„Октоподот не мирува, мирува само Русковска – обвинителството. Додека одмораат истовремено со Катица Јанева, октоподот и таканаречената невладина на владата за скандалот „Рекет“ каде членуваат половина СДСМ имаат можност слободно да уништуваат евентуални докази и да влијаат врз евентуални сведоци“, рече Наум Стоилкоски, ВМРО – ДПМНЕ.