На вчерашната средба со коалициските партнери СДСМ постигнале начелна согласност дека ќе се заложат за изнаоѓање на консензуален претседателски кандидат, а прво биде консултиран албанскиот коалициски партнер во Владата – ДУИ а потоа ќе има обиди за консултации и со лидерите на другите албански партии, изјави во понеделникот премиерот Зоран Заев непосредно пред почетокот на неговата средба со Али Ахмети.
Денеска продолжуваме со средбите со политичките партии на нашите коалициски партнери од албанскиот блок. Прво ќе има средба со ДУИ, а потоа продолжуваме со БЕСА на Африм Гаши, како и со Мендух Тачи. Ќе направам напори и сакам да се видам и со Зијадин Села од Алијанса на Албанците и БЕСА на Билал Касами за да можеме да поразговараме и да видиме дали можеме сите да застанеме зад заеднички кандидат кој е прифатлив за сите граѓани од секаква политичка, етничка и социјална припадност. Верувам дека тоа е изводливо. Ако го направиме тоа, уште еднаш го потврдуваме „едно општество за сите“ и праќаме сериозна порака за охрабрување кон граѓаните за нашата одговорност да се надминеме себеси и да застанеме зад личност за која однапред веруваме дека ќе биде одличен претседател на Република Северна Македонија, изјави Заев во одговор на прашање на промоцијата на Научно-технолошкиот парк во Скопје.
Нагласи дека бараат заедничко решение прифатливо за сите граѓани и додаде дека на вчерашната средба со коалициските партнери од коалицијата предводена од СДСМ, лидерите на партиите начелно потврдиле дека се за заеднички претседателски кандидат.
Тоа е платформата на која разговараме, да ги слушнеме граѓаните, да видиме дали постои таква личност зад која можеме сите да се обединиме и како политички субјекти да ја поддржиме. Процесот почна вчера. Задоволен сум од коалициските партнери од Коалицијата „За живот“ што се финализира со локалните избори во 2017 година. Со нив разговаравме и генерално, начелно посоти заклучок дека треба да направиме се да поддржиме заеднички кандидат. Секако тоа треба да го потврдат и партиските органи и тела, но лидерите го потврдија како желба, прецизира Заев, кој попладнево во Клубот на пратениците треба да има средба со лидерот на ДУИ Али Ахмети.
Инаку, албанските опозициски партии сѐ уште ги разгледуваат модалитетите за претседателските избори. Алијанса за Албанците и Беса на Билал Касами се изјаснија против заеднички кандидат со ДУИ, а во меѓувреме ја разгледуваат можноста за заеднички кандидат. Беса на Африм Гаши сѐ уште нема став, додека ДПА се изјасни дека ќе го поддржи кандидатот на власта.