
Заев и самиот призна дека телефонските разговори не докажуваат ништо. Опозицискиот лидер Зоран Заев при вчерашното гостување во емисијата „Вин Вин“ кај новинарката Оливера Трајковска призна дека незаконските снимки од телефонските разговори, што патем тој ги објавуваше неколку месеци, не докажуваат ништо и не се опис за личноста.
Заев кој веќе е познат по рекордното менување ставови, во вчерашното интервју беше конфузен, неуверлив и постојано влегуваше од една во друга лага. Не во различни, туку во една иста емисија првиот човек на СДСМ повеќе пати смени ставови.
Лидерот на социјалдемократите наместо со програма и идеи, покажа дека единствената сламка за спас му се токму незаконск стекнатите материјали кои се дел од кривичен процес.
Порталот „Курир“ нагласува дека во рамки на гостувањето Заев и самиот индиректно признал дека телефонските разговори не значат ништо и дека тие не се опис за една личност каква е, ниту пак докажуваат нешто.
Секој пат сме во приватните разговори попуштени, послободни и зборуваме некои работи кои не ги мислиме и тоа е така, рече Заев.
Заев за пример посочи дека и тој го навредувал сопственото членство во телефонски разговори, но тие не биле доказ за нешто.
Знам да ги навредам моите сопартијци, знам некој пат да донесам одлуки и ги сопштувам брзоплето по телефон, но тоа е приватноста, рече Заев.
Заев откако кажа дека Господ го црпнал од нивите, сега се поистовети со Господ и само тој и Господ знаеле што се слушнал во целиот овој период, и дека тој бил гаранција за приватноста односно дека тие разговори немале да бидат злоупотребени.
Само јас и Господ знаеме што се слушнав во целиот овој материјал. Јас сум тој којшто најповеќе знае од тие материјали што има, рече Заев.
Веднаш потоа, Заев смени став и призна практично дека не бил тој единствениот што ги слушал разговорите односно луѓе од штабот ги преслушувале и селектирале разговорите кој тој ги објавува.
Ќе го кажам примерот, селектираш 40 разговори кои што се однесуваат на темата и ги предавам во Центарот за комуникации, мојот кабинет, каде што тимот од СДСМ од тие 40 селектира 7-8, рече Заев.
Иако на почетокот Заев рече дека имал преслушано 30 илјади разговори, што според многумина е навистина голема бројка бидејќи за тоа се потребни и време и ресурси, сега Заев смени мислење и таа бројка ја зголеми повеќекратно. Според најновата изјава, првиот човек на СДСМ имал 600 илјади разговори.
Од прилика 600 илјади разговори, ние објавивме 1.000- 1.100. Не можам да кажам дека сам целото тоа го направив. Јас го селектирав сам, рече Заев.
Конфузниот Заев не застана тука со контрадикторните изјави. Кажувајќи дека професорот Гордан Калајџиев бил првиот нивен предлог за специјален обвинител, тој прави паралели со Украинските сценарија во случај да не се постигне договор за останатите прашања, што според познавачите само ја покажува тешката криза во која се наоѓа СДСМ соочена со слабата поддршка од граѓаните.
Поуката од украинските сценарија, од тоа што се случуваше во арапската пролет и земјите во Јужна Азија, во Северна Африка и во многу други земји, ни ја испратија пораката да не учиме од тоа што не е добро, рече Заев.
Според познавачите, очигледно ваквите заплашувања имаат и за цел држење во грч на сопственото членство, кое се повеќе е деморализирано и незадоволно од раководството на СДСМ.