Заев: Проблемот е во Македонија, Рамковниот не е доволен и треба да се напуштат рамките (ВИДЕО)

рамковен

Заев викендов учествуваше на дебата со иселеници од Македонија во Берн, пред се’ со албанската дијаспора Освен Заев, на дебатата на тема „Македонија на прагот на избори: Промените, илузија или реалност“, говорник бил и лидерот на Движењето за реформи на ДПА, Зијадин Села, поранешниот швајцарски политичар Андреас Грос и директорот на „Албинфо“, политикологот Башким Исени.

Заев во низа скандалозни и антимакедонски изјави ја обвини македонската власт дека таа била одговорна за лошите односи на Македонија со соседите, нагласувајќи дека “проблемот е во Македонија“. Заев пред албанските иселеници отворено ја искритикува Македонија и застана во одбрана на Косово, Албанија, Грција, Бугарија и Србија. Нагласи дека не можело сите тие да не се во право, односно потенцираше дека грешката била во Македонија.

– И не може сите да бидат лоши околу нас, а ние да сме најдобрите. Ако сите се скарани со Македонија, проблемот е во Македонија, изјави Заев.

Заев и пред албанската дијаспора отворено говори за еднаквоста при употреба на јазиците, односно воведување на двојазичност на целата територија на Република Македонија.

-Јас сум истиот Зоран Заев, кој што ја отвори јавно употребата на јазиците во Македонија и еднаквоста и рамноправноста во државата. Јас сум истиот тој што го гледавте и по Фејсбук и по телевизии кој отвори штабови во Арачиново и Чегране. Македонија ја замислувам, ако знаеме кинекси, кинески да се разбереме, ако знаеме англиски, англиски да се разбереме, француски-  француски, албански- албански, македонски- македонски, да се ослободиме, рече Заев.

Во своето обраќање Заев се осврна и на Охридскиот рамковен договор, за кој вели дека “мора да се оди преку него“ доколку сме верувале во “еднаквоста и рамноправноста“. Заев нагласи дека Рамковниот не бил доволен и требало да се напуштат рамките.

-Охридскиот рамковен договор не е договор. Мора да одиме преку Охридскиот рамковен договор, оти тој е рамка некоја. Зошто во 21- век, 25 години независна Македонија да има рамки на ограничување. Не, ќе веруваме во еднаквоста и рамноправноста и ќе му помогнам на мојот сограѓанин Албанец, вели Заев.

Заев со ова практично ги потврдува скандалозните изјави со кои најавува промена на Уставот за да ги исполни барањата на Албанците за двојазичност. Само пред неколку дена Заев изјави дека ако било „грдо лицето на Македонецот“, тогаш не било важно што ќе изгубел македонски гласови, ќе дошле други избори.

-Некои викаат еј ало, пред избори си, ќе изгубиш македонски гласови. Па ако е грдо лицето на Македонецот, што е важно, ќе дојдат и други избори, ќе дојдат и други политичари. Сега му е мајката да ги отвориме овие теми, вели Заев.

Заев обраќајки им се на гласачите Албанци во емисија на ТВ 21, јавно се обврза дека повторно ќе го отвора Уставот. На прашањето дали имаат намера да го сменат Уставот ако сакаат тоа да биде граѓански, Заев одговори дека не исклучува оти тоа ќе се случи.

-Ние одиме со граѓански концепт. Со соодветно време кога ќе дојде потребата прагматично за таа работа тоа ќе се случи, рече Заев.

Андреас Грос: Македонците треба да учат албански!

Според Грос, потребна е промена на Уставот во Македонија за да се изедначат двата јазика.

– Двата јазика (македонскиот и албанскиот) треба да бидат официјални за да може да се користат на еднаков начин во сите региони во земјата исто како во Швајцарија. Kај нас, имињата на улиците се на два јазика, така треба да биде и во Македонија. Македонците да учат албански и Албанците македонски – рекол Грос.

Извор: Курир