Заев продолжува да се крие зад аболицијата за криминал тежок осум милиони евра

Лидерот на СДСМ Зоран Заев вчера потврди дека нема намера да поднесе лично барање до претседателот Ѓорге Иванов за укинување на аболицијата со која Бранко Црвенковски го спаси од кривична одговорност за криминал тежок осум милиони евра поврзан со случајот „Глобал“, пишува „Курир“.

Порталот пишува дека во вчерашното свое интервју за емисијата „360 степени“ на Алсат, Зоран Заев се надмина себеси изрекувајќи две лаги во одговор на едно прашање. Причината зошто лично не поднесува барање за повлекување на аболицијата, Заев ја образложи со тоа што не сакал да влегува во глупости и да поднесува незаконски барања.

Со ова Зоран Заев повторно ги потцени граѓаните и експертската јавност кои знаат дека со измените во Законот за помилување од 19 мај годинава, токму ваквата можност е оставена на сите граѓани.

clena11a-1

Имено, членот 11-а во ставот 3 предвидува „Лицето за кое е донесена одлука за помилување има право до претседателот на републиката да поднесе барање за поништување на одлуката за негово помилување. Претседателот на Републиката е должен во рок од 30 дена од денот на поднесувањето на барањето од став 3, да ја поништи одлуката“.  Ова значи дека доволно е Заев да го пополни барањето и да се повика на измените во Законот за помилување.

Втората лага и второто потценување на граѓаните во само еден одговор е тезата дека Заев од 2008 година бил против одлуката на Црвенковски. Тука Заев повторно смета дека граѓаните не ја паметат неговата изјава и неговиот став кога застана во одбрана на помилувањето од Црвенковски, правдајќи го тој чин како уставно загарантирано право на Црвенковски кое што Заев не сака да го коментира.

Аболицијата дадена од страна на претседателот Црвенковски нема да ја коментирам во јавноста. Тоа е сепак негово уставно и законско право, рече помилуваниот Заев со солзи радосници во 2008 година.

Со ваквиот настап Заев јавно призна дека не му пречи етикетата на единствен политичар аболиран за тежок криминал се додека е сигурен дека нема кривично да одговара за осумте милиони евра за кои е оштетена државата. Очигледно образот на Заев вреди многу помалку од осумте милиони евра кои би морал да ги врати после судската постапка.