
Народот бара и очекува правда, но се случи уште едно бегство, рече премиерот Зоран Заев на новинарско прашање откако во јавноста се брануваше информацијата дека поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, не е достапен за да го прими решението за домашен притвор.
– Јавноста е информирана дека синоќа Судот донел одлука за изрекување мерка притвор за Сашо Мијалков, којшто се очекува да биде осуден во пресуда согласно предметот „Таргет-Тврдина“ до крајот на оваа недела. Исто како и целиот наш народ, така и јас, сум разочаран поради тоа што лицето не е пронајдено и не е приведено. Барам веднаш да постапат институциите и да го пронајдат Сашо Мијалков. Убеден сум дека тоа може да се спроведе, очекувам детално информации од надлежните институции, како и очекувам детали со истрага од самиот случај од Судот и од Јавното обвинителство. Нашиот народ очекува расветлување на ваквиот случај, и секако, одговорност доколку не се спроведе судското решение за ставање во притвор на Сашо Мијалков – рече Заев.
Немојте од мене да очекувате да правам јавна истрага пред микрофоните и камерите, додаде премиерот, и уште еднаш повтори дека одговорност ќе има доколку се утврди дека некој направил пропуст во работата.
– Нема политички договор. Јас сум среќен што сме обезбедиле услови за да се организира правен процес кој наскоро ќе финишира. Тоа го очекуваат граѓаните. Веќе е најавена казна, па веројатно тоа е причината поради што не можеле да го пронајдат Мијалков дома. Очекувам лоцирање и негово пронаоѓање. Очекувам и детали за тоа што се случило, каде бил, зошто не било пронајдено лицето. Тоа го очекувам и најавувам одговорност за секој што погрешил.