Заев се надева дека предлогот за владата ќе го поднесе во среда

Претседателот на СДСМ и мандатар, Зоран Заев, изјави во вторникот дека ќе го поднесе предлогот за составот на новата влада и програмата за нејзината работа веднаш штом биде утврден бројот на потпретседатели на Собранието, „најверојатно“ во среда претпладне.

Заев во изјава за телевизијата ТВ21 рече дека очекува денеска да се утврди бројот на потпретседателите на парламентот и да се верифицираат мандатите на пратениците кои влегуваат на местата на оние пратеници кои излегуваат од составот на Собранието поради преземање други функции во изршната власт.

„Кога ќе заврши оваа процедура, ќе го поднесам предлогот за влада. Денеска до касно ќе трае процедурата за верификација на мандатите, затоа што се најмалку девет одлуки. Веројатно утре од сабајле ќе биде поднесен предлогот за влада. Потоа следуваат неколку дена пратениците да се запознаат со владината програма и автобиографијата на кандидатите за министри“, изјави Заев.