Српскиот народ уште еднаш покажа големо пријателство, српскиот претседател Александар Вучиќ, исто така српската премиерка Ана Брнабиќ, српскиот министер за здравство Златибор Лончар и сите кои навистина посветија денови за да можат да се испорачаат вакцините на „Фајзер“ како први вакцини или прва помош на пријателскиот македонски народ, рече на денешната прес-конференција премиерот Зоран Заев.
-Јас сум благодарен за тоа. Секако политиките на пријателство биле израз на оваа Влада, која и во минатиот состав и сега ги водам и така ќе продолжиме. Благодарение на тие политики на пријателство успеваме еве пријатели да ни се најдат тогаш кога ни треба, затоа што мислам дека целиот свет треба да гради политики на пријателство, а малите земји како нас треба да бидат уште помудри и да градат уште посилни политики на пријателство, заради тоа што тоа е интерес на целиот наш народ и на нашата земја и низ ваквите политики на достоинствена почит, на пријателство, на пружена рака, на внимание кон соседите, но и кон сите наши партнери верувам дека корист имаат само граѓаните, а секако и нашите партнери со кои секогаш разговараме, додаде Заев.
Секој пат сум ги почитувал политиките и на сите соседи и на сите партнери на државата, рече Заев, одговарајќи на новинарски прашања по прес-конференцијата на која беше потпишан договор за грант наменет во обновливи извори за енергетска транзиција.