Лично верувам дека пописот ќе биде успешен. Сепак, да не избрзуваме, имаме уште десетина дена. Влеговме во третата етапа, остануваат уште 15 дена да се попишува и верувам дека пописот ке биде успешен. Благодарен сум на граѓаните кои учествуваат и верувам дека така ќе биде и до самиот крај, изјави денеска премиерот Зоран Заев.
Тој упати комплименти до сите попишувачи, до Заводот за статистика и до сите стручни луѓе кои работат внатре, како и до македонски Телеком, кој што е повикан да помогне, но и сите други ИТ експерти од државните иснтитуции кои се вклучени да помогнат.
-Системот, како што знаете е сериозно нападнат од хакери. Тоа го знаеме сите. Секако работат повеќе од пет илјади попишувачи и тука истрагата не може да даде конкретен резултат, важно е што се ставаат соодветни блокади и досега пописот продолжува успешно да функционира, рече Заев по одбележувањето на јубилејот – 75 години од основањето на Сојузот на здруженијата на пензионерите, во одговор на новинарско прашање.
Тој додаде дека во просек дневно има околу сто илјади попишани, а надмината е бројка на милион попишани граѓани.
-Во просек имаме околу сто илјади попишани. Ја надминавме бројката од милион и 37 илјади граѓани кои се попишани, тоа можам да констатирам дека е успешен. Фокусот мора да остане пред се на стручните луѓе, на ИТ техничарите кои се позадинска поддршка на попишувачите кои што одат од куќа на куќа, од дом на дом, но и се морална стабилност и на граѓаните, оти ако системот паѓа и навистина не можете да го завршите попишувањето, се создаваат нервози, непријатни ситуации или слично, рече премиерот.